• недела, 22 декември 2024

Нова демократија победи на евроизборите во Грција, Мицотакис коментира дека не ја постигнаа поставената цел

Нова демократија победи на евроизборите во Грција, Мицотакис коментира дека не ја постигнаа поставената цел

Атина, 10 јуни 2024 (МИА)  – Со 28,3 отсто од гласовите и седум места во Европскиот Парламент, владејачката Нова демократија победи на вчерашните евроизбори во Грција, меѓутоа актуелниот грчки премиер коментираше дека партијата не ја постигна поставената цел, со оглед на тоа што целта беше резултатот од претходните евроизбори, односно 33 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.

Според конечните резултати од Министерството за внатрешни работи, надлежно за изборниот процес, СИРИЗА е на втората позиција со 14,92 отсто и четири пратенички места, а ПАСОК на третата со 12,79 проценти и тројца европратеници. 

Грција гласаше за 21 европратеник, а вкупно осум партии успеаја да го поминат изборниот праг од три отсто, неопходни за да обезбедат место во Европскиот Парламент.

Согласно официјалните резултати: 

Нова демократија добива 28,31 отсто и седум европратеници

СИРИЗА 14,92 отсто и четворица

ПАСОК 12,79 отсто и тројца европратеници

Грчко решение од 9,30 отсто и двајца европратеници

Комунистичка партија 9,25 отсто и двајца европратеници

Победа 4,37 отсто и еден европратеник

Курс на слободата 3,40 отсто и еден европратеник

Глас на логиката 3,04 проценти и еден европратеник

Од осумте партии, три се радикално десничарски (Грчко решение, Победа и Глас на логиката) подесно ориентирани во однос на Нова демократија и добија нешто помалку од 17 отсто од гласовите. 

Доколку се анализираат резултатите од ланските парламентарни избори и евроизборите пред пет години, Нова демократија и СИРИЗА денеска добија помала поддршка, додека пак радикално десничарската Грчко решение е четврта политичка сила во Грција. 

На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент.

На ланските парламентарни избори, Нова демократија освои 40,56 отсто, СИРИЗА доби 17,83 проценти, а ПАСОК 11,84 проценти. 

За разлика од лани, кога картата на Грција со резултатите од парламентарните избори беше целосно сина, а Нова демократија беше убедлив победник во сите 13 периферии овој пат, загуби четири од нив, во североисточниот дел на земјата, во Ксанти и Родопи победи локалната Партија на пријателство, еднаквост и мир, што ги претставува интересите на муслиманите во Грција, додека пак во два од четири региони на Крит, победи ПАСОК.

Излезноста на избоите беше особено мала, гласаа 41,39 отсто од гласачите.

Грчкиот премиер и претседател на Нова демократија Киријакос Мицотакис за резултатот од европските избори, доцна синоќа рече дека не ја постигнале целта, иако убедливо победија и тоа „со процент, поголем од збирот на втората и третата партија“, но и дека пораката од граѓаните била „имаме доверба во вас, но потрудете се повеќе“.

-Нема да ја скријам вистината: нашата партија не ја постигна целта што ја поставивме. Ниту ме интересираат аргументи дека разликата од втората партија е најголема во историјата на европските избори. Од самиот почеток знаевме дека овие избори ќе бидат многу тешки. Граѓаните кои не поддржаа во 2023 година знаеја дека сега не се избира Влада и можеби поинаку се соочија со оваа битка. Предизборно, и покрај моите напори, недостигаше суштинско размислување за иднината на Европа и за позицијата на нашата земја во неа, рече Мицотакис.

Додаде дека на земјата ѝ претстојат три години без избори, истакнувајќи дека како што Грција во 2024 година е многу подобра споредбено со 2019 година, „така во 2027 година ќе биде многу подобра од денес“.

Лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис истакна дека по ланскиот пораз, сега партијата успеа, разликата со Нова демократија од 23 да ја намали на 13 отсто.

-Грчкиот народ јасно ми даде време да изградам алтернативен владин предлог. Знам и целосно ја сфаќам важноста на оваа одговорност и токму тоа ќе го направам, како што кажавме и предизборно. Продолжуваме, се модернизираме, ќе поставиме лулки на знаење и понуда и ќе го инспирираме светот. А ова движење, кое и покрај неповолните услови издржа, отсега може да оди само нагоре. И јас сум многу горд за сите вас, рече Каселакис.

Претседателот на ПАСОК, третата партија во Грција, Никос Андрулакис рече дека „неизлезноста и подемот на радикалната десница се двете силни пораки од изборите“, посочи дека Нова демократија претрпе тежок пораз, губејќи 14 отсто од националните избори и пет од европските.

- Ароганцијата, неотчетноста и корупцијата беа казнети. Наша должност е динамично да продолжиме со сериозната, кредибилна опозициска политика за конечно да го отвориме патот за прогресивна влада, рече Андрулакис. ср/

Остани поврзан