• четврток, 07 ноември 2024

Никшиќ се извини поради изјавата на министерката за култура на ФБиХ за воените злосторства

Никшиќ се извини поради изјавата на министерката за култура на ФБиХ за воените злосторства

Сараево, 11 мај 2023 (МИА) – Премиерот на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ денеска се извини поради изјавата на министерката за култура и спорт ФБиХ, Сања Влаисевљевиќ, која изјави дека лицата осудени за воени злосторства треба да бидат рехабилитирани и оти тие кои отслужиле казна, повеќе не се воени злосторници.

Во име на Владата и во мое лично име, им се извинувам на сите што беа повредени од нејзината изјава, пред сè жртвите. Верувам дека треба да се занимаваме со жртвите, а не со оние кои извршиле злосторства, изјави Никшиќ.

Тој додаде дека за него „злосторникот е злосторник, без оглед на издржаната казна“.

Влаисављевиќ за регионалната телевизија Н1 изјави и дека целосно се согласува со претседателката на ФБиХ, Лидија Брадара, која претходно изјави дека Дарио Кордиќ, осуден пред Хашкиот трибунал за воени злосторства врз Бошњаците во градот Ахмиќи во централна Босна, повеќе не е воен злосторник по отслужувањето на казната. Кордиќ беше осуден на 25 години затвор од Хашкиот трибунал, а беше ослободен во јуни 2014 година по одлежување 17 години. Потоа во Бусовача беше пречекан од целиот политички врв на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на Босна и Херцеговина, вклучително и актуелната претседателка на ФБиХ, Брадара. ми/

фото: Влада на ФБиХ

Остани поврзан