• понеделник, 23 декември 2024

Николоски: Бугарското вето се должи на лошите политики на Владата

Николоски: Бугарското вето се должи на лошите политики на Владата
Скопје, 14 декември 2020 (МИА) - Бугарското вето на стартот на преговорите на земјава со ЕУ се должи на лошите политики на Владата, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, обвинувајќи го премиерот Зоран Заев дека „го распродава македонскиот идентитет“ и дека „турка и бизнис зделки врз грбот на граѓаните“. - Јасно е дека Зоран Заев ветувал и бизнис зделки на Бојко Борисов, а тоа се гледа по односот помеѓу двајцата лидери изминатиот период. Имено, Зоран Заев ветувал дека бугарски капитал ќе влезе во Македонија преку рудникот Иловица, кој магично преку ноќ го промени сопственикот. Исто така им ветил една национална телевизија, акции во еден оператор мобилен, банка и слободно користење на општички кабел на една државна компанија. Тоа се работите кои Зоран Заев лично му ги ветил на Бојко Борисов, изјави Николоски. Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ го обвини и вицепремиерот за европски прашања дека Никола Димитров на новинари им споделува информации од преговорите со бугарската дипломатија, односно за решенијата и одлуките кои ги донесува премиерот Заев. - Димитров се пофалил дека Зоран Заев не ги прифатил барањата на Бугарија, само поради тоа што самиот тој присуствувал на тие разговори и во негово име барал да не се прифаќаат, односно дека главната виолина во тимот е всушност самиот тој, рече Николоски. Тој излезе и со тврдење дека премиерот Заев вршел притисоци врз одредени членови на заедничката македонски-бугарска Комисија за историски прашања, а оние „кои што не сакале да играат по неговите правила ги маргинализирал“. - Зоран Заев управува со членовите на историската комисија, односно наместо историчари, членовите на комисијата се негови соработници во распродажбата на националниот идентитет, рече Николоски. Тој обвини дека Владата дозволила да се спроведат избори во Штип и Пласница „во ситуација кога имаме над 1000 заболени и 30 починати секој ден“ и кога „државата се соочува со најголемата здравствена пандемија и со не се справува премногу лошо“. - Зоран Заев за предвремените парламентарни избори велеше дека нема услови да се одржат поради тоа што пандемијата зема замав, а тогаш имаше само педесетина заразени на ден. Сега, Зоран Заев вели дека не е проблем да се одржат изборите во ситуација кога секојдневно се бележат над 1000 заболени од Ковид-19, истакна Николоски. Тој оцени дека време за политика ќе има секогаш, ќе има време за да се поправаат работите кои што може да се поправат, но животите на граѓаните не смее да се доведат во опасност, бидејќи тие не можат да се вратат. сп/

Остани поврзан