• сабота, 04 мај 2024

Николовски – Кошарац: Подготвени сме нашето позитивно искуство со ИПАРД програмите да го споделиме со БиХ

Николовски – Кошарац: Подготвени сме нашето позитивно искуство со ИПАРД програмите да го споделиме со БиХ

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац потенцираше дека сме земја лидер во искористувањето на средствата од ИПАРД 2 програмата, а позитивното искуство во реализација на програмите отворено го споделуваме со другите држави во регионот.

Како што соопштија од МЗШВ, средбата се реализираше во рамки на денешниот работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, заедно со раководителот на секторот за рурален развој, Гоце Георгиевски и раководителот на секторот ИПАРД, Живко Брајковски.

-Нашето позитивно искуство во реализација на ИПАРД програмите отворено го споделуваме со другите држави во регионот. Земја лидер сме во искористувањето на средствата од ИПАРД 2 програмата и тоа по неколку основи, имаме најголема 100 процентна реализација на програмата, со нула евра поврат на средства и први во регионот ја започнавме реализацијата на новата ИПАРД 3 програма, истакна на средбата Николовски.

Тој додаде дека нашиот успех со ИПАРД го потврди и Европската Унија зголемувајќи ги за 62 отсто средствата, со што за новата ИПАРД 3 програма на располагање имаме 97 милиони евра европски средства.

Николовски ги презентираше и новите можности предвидени во новата ИПАРД 3 програма. Од МЗШВ информираат дека една од новите можности која се предвидува со ИПАРД 3 програмата е авансната исплата до 50 отсто од висината на финансиската поддршка веднаш по потпишување на договорот. Оттаму велат дека како земја лидер први ја почнавме реализацијата на новата ИПАРД 3 програма, која почна на 1 септември преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, каде на располагање беа ставени и првите 30 милиони евра.

На средбата двајцата министри договорија во скоро време официјална посета на министерот Кошарац во Северна Македонија, на која како држава ќе ги пренесеме сите искуства и знаења на БиХ за подобра имплементација на ИПАРД програмата.

-Добрата регионална соработка е важен фактор во евроинтеграциите на земјите од регионот, а позитивен пример за таквата соработка. Иницијатива која веќе ги дава своите резултати. Трговската размена помеѓу земјите членки на Отворен Балкан достигна 1,1 милијарда евра, што е резултат токму на оваа иницијатива. Министерот Николовски на средбата изрази очекување дека во скоро време кон Иницијативата Отворен Балкан ќе се приклучи и Босна и Херцеговина. Како држави од регионот важно е да се држиме едни со други и да си бидеме меѓусебна поддршка, само така ќе имаме напредок, се вели во соопштението на МЗШВ.бт/дма/

Фото/ Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство 

Остани поврзан