• недела, 22 декември 2024

Николовски: Од 2017 година поддржани 1.700 жени земјоделки со  над 1,1 милијарди денари

Николовски: Од 2017 година поддржани 1.700 жени земјоделки со  над 1,1 милијарди денари

Неготино, 7 март 2024 (МИА) - Од 2017 година до денес, преку сите мерки, сме поддржале 1.700 жени земјоделки со поддршка вредна над 1,1 милијарди денари. Ова го истакнал денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при средбата со членките на НФФ во неготинско Тимјаник, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, соопштија од Министерството. 

Николовски остварил  средба со успешни жени земјоделки, мали производители на храна и сопственички на мали винарии, членки на Националната Федерација на фармери.

- Минатата година направивме историски чекор. Жените земјоделки, за прв пат, добија право да користат платено отсуство за мајчинство. Со усвојувањето на Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, започна реазлизацијата на посебна мерка за финансиска поддршка, во износ од 81.000 денари, за деветмесечен надоместок за мајчинство. Програмата е изработена на иницијатива и во директна соработка со жените вршителки на земјоделска дејност, кои работат и живеат во рурални средини и остваруваат приход од земјоделска дејност, а досега не примале платено породилно отсуство, потсетил министерот. 

Тој додал дека оваа програма е времено решение, со цел да се излеземе во пресрет на жените земјоделки, до донесување на системско законско решение, на чија подготовка  се работи со МТСП, НФФ и We Effect.

 - Годинава поддршката која ја даваме за оваа мерка од 81.000 ја зголемуваме на 100.000 денари, за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените земјоделки. Овие години заедно се креирани повеќе нови мерки за поддршка на жените земјоделки, со кој постигнавме многу успешни резултати, соопштил Николовски. 

Тој појасни дека во ЕРЗС системот денес има запишани 30.292 жени земјоделки, што е зголемување за околу нови 9000 жени земјоделки, споредбено со 2017 година. Ваквото зголемување, рекол,  доаѓа како резултат на успешните мерки за поддршка на руралната жена и младите земјоделци. Потоа на донесените правилници за  продажба од куќен праг, новите програми за поддршка на малите производители на храна, малите винарии и малите дестилерии. Како и новата мерка за поддршка бизнис план во земјоделството, но и многуте други мерки од програмата за рурален развој, како што се мерките за набавка на трактори, комбајни за ориз и жито, опрема за тутун, набавка на силоси, набавка на педигриран добиток.

Вкупно, до сега околу 1.700 жени земјоделки добиле финансиска поддршка по разни мерки во вредност од над 1,1 милијарди денари, а 320 жени добиле грант за мерката „Рурална жена“.

Николовски потсетил дека за само две години, се доделени 67 грантови на жени земјоделки, преку програмите за поддршка на малите производители во вредност од 37 милиони денари. Од кои 36 жени добиле грант за производство на храна од неживотинско, три жени грант за храна од животинско потекло, 25 жени се добитници на грант за мали винарии, а три жени за мали дестилерии.

Кај мерката бизнис план поддршка добиле 115 жени земјоделки. Со поддршка во набавка на опрема и механизација се поддржани 626 жени во набавка на трактор, 12 во набавка на комбајн за ориз, седум во набавка на комбајн за жито, 111 во набавка на системи капка по капка, 158 жени во набавка на педигриран добиток, 12 во набавка на силоси и 10 за набавка на опрема за тутун.

- Она што е посебно, за нас како министерство, значајно, е што 290 жени оствариле право и добиле грант преку мерката млад земјоделец. Продолжуваме заедно да го унапредуваме и развиваме правото и стаусот на руралната жена, со уште поголема поддршка и внимание кон жената земјоделка, подвлекол Николовски, соопштија попладнево од Министерството. свд/дма/

 

Фото: МЗШВ

 


 

 
 

 

 

Остани поврзан