• недела, 22 декември 2024

Николовски од Тирана: Продолжуваме да ја продлабочуваме соработката со Албанија

Николовски од Тирана: Продолжуваме да ја продлабочуваме соработката со Албанија
Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - Република Северна Македонија и Република Албанија имаат одлична билатерална соработка и секоја средба е можност за нејзино дополнително унапредување, можност за размена на искуства во областа на земјоделството и за олеснување на трговијата со земјоделско-прехранбени производи. Потпишаните билатерални и мултилатерални договори меѓу двете земји се доказ за нашата соработка, овозможувајќи на граѓаните во двете земји соработка во сите области од општественото живеење. Ова го констатирале на денешната работна средба во Тирана министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и Фрида Крифца, министерка за земјоделство и рурален развој на Албанија.

Како што соопшти МЗШВ, иницијативата за Отворен Балкан ја зајакнува соработката меѓу двете држави овозможувајќи им да ја олеснат и развијат меѓусебната трговија со растенија и растителни производи, за којашто двајцата министри констатираа дека одлично се спроведува. Станало збор и за унапредување на соработката меѓу државите за трговска размена на производи од животинско потекло, преку заедничка анализа и меѓусебно признавање на сите потребни сертификати, со цел зголемена трговска размена на овие производи. Во рамки на Иницијативата за Отворен Балкан, работната група за земјоделство, се посочува, ќе одржи состанок на 12 и 13 мај 2022 година во Тирана.

Министерот Николовски, кој беше придружуван од заменик министерот, Абдулшуќур Абедини и државниот советник, Трајан Димковски, на средбата ја истакна важноста на Договорот за фитосанитарна соработка, потпишан помеѓу двете држави во октомври, 2020 година.

-Фитосанитарната и ветеринарната соработка е интензивна меѓу надлежните служби на нашите земји и се одвива не само билатерално, туку и во рамките на ЦЕФТА Договорот за слободна трговија, како и во рамките на Иницијативата за Отворен Балкан. Фитосанитарните и ветеринарните служби на Северна Македонија во неколку наврати им дадоа поддршка на своите колеги Албанци во усогласувањето на законските и подзаконските акти од областа на ветеринарните и фитосанитарните прашања, со постојните прописи во Северна Македонија кои се веќе усогласени со европските регулативи, потенцира Николовски.

Резултатите од договорот за фитосанитарната и ветеринарната соработка како успешни ги оцени и министерката Крифца, потенцирајќи ја благодарноста до министерот Николовски за поддршката во усогласувањето на законските и подзаконските акти од областа на ветеринарните и фитосанитарните прашања.

Министерот Николовски најави дека во јули заедно со ФАО ќе се организира Конференција за консолидирање на фрагментирано земјоделско земјиште во Битола, кое е успешен пример за консолидирање на земјоделското земјиште.

Спогодбата за заедничко одржливо управување со риболовот во Охрид и Преспа, овозможува заеднички да се грижиме за сите прашања поврзани со долгорочно одржливо управување со двете езера, како и одржливо користење и заштита на рибните резерви, истакна Николовски, додавајќи дека очекува кај нас набрзо да се одржи и конститутивната седница на Заедничкиот комитет. вг/са/

Остани поврзан