• петок, 22 ноември 2024

Николовски: Зајакнување на односите со инвеститорите клучно за зголемување на економската конкурентност и вработеноста во државата

Николовски: Зајакнување на односите со инвеститорите клучно за зголемување на економската конкурентност и вработеноста во државата

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Воспоставување на редовна комуникација и соработка со странските инвеститори со цел нивно запознавање со царинските постапки, вклучително постапките со економски ефект и поедноставените постапки е од големо значење за побрзо отпочнување на планираните инвестиции во државата, истакнал директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на средбата со менаџментот на Јилдирим групацијата (Yildirim Group of Companies) и управниот партнер во PwC РС Македонија, Мирослав Марчев.

Тој посочил дека Царинската управа посветува големо внимание на негување цврсти односи со бизнис заедницата со цел зголемување на инвестициите и вработеноста во државата.

Како што соопшти Царинската управа, генералниот менаџер за Балканот, Џемил Ачар, како претставник на групацијата којашто годинава се стекна со сопственост врз имотот на Еуроникел Кавадарци, истакнал дека фабриката ќе се рестартира под името „Голден Игл Никел“ и оти веќе започнале со организација и реструктуирање со цел да може да се рестартира производството во фабриката за фероникел во Кавадарци со потенцијално вработување на 800 лица од кавадаречкиот регион.

Тој на состанокот ги презентирал нивните краткорочни и среднорочни планови за зајакнување на нивното присуство на македонскиот пазар. дма/ев/

Фото: Царинска управа

 

Остани поврзан