• понеделник, 23 декември 2024

„Не управувај моторно возило без положен возачки испит“, превентивна активност на СВР Тетово

„Не управувај моторно возило без положен возачки испит“, превентивна активност на СВР Тетово

Тетово, 27 октомври 2023 (МИА) - Секторот за внатрешни работи Тетово, вчера, стартуваше со практична имплементација на превентивно - едукативниот проект „Не управувај моторно возило без положен возачки испит, почитувај ги правилата и прописите во сообраќајот, заштити се себеси и другите“, а првите активности се реализираа во средните училишта во Гостивар. Со проектот ќе бидат опфатени 11 средни училишта на тетовско - гостиварското подрачје со над  1.500 ученици од втора година.

-На посебни часови, стручно обучени полициски службеници ги информираат, односно, запознаваат учениците со ризиците и законските импликации од управување на возила без претходно да посетуваат теоретска и практична обука и да го положат законски предвидениот возачки испит. Покрај ова, на учениците им се презентираат и основните правила и прописи во сообраќајот, им се даваат совети и препораки, во функција на нивна поголема безбедност како учесници во сообраќајот, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Носител на проектот е Отсекот за превенција на СВР Тетово, а се планира да заврши до средината на идниот месец. Негова приоритетна цел е да се подигне сообраќајната свест и култура на средношколците, дотолку повеќе, што некои од нив посегнуваат по возилата на нивните родители, пред да го положат возачкиот испит и, да се стекнат со соодветна дозвола за управување. ас/љм/

Фото: СВР Тетово

Остани поврзан