• понеделник, 13 мај 2024

Незири: Еден месец по трагедијата во Тетово, се уште нема морална ни правна одговорност

Незири: Еден месец по трагедијата во Тетово, се уште нема морална ни правна одговорност

Тетово, 11 октомври 2021 (МИА) - Пратеникот Аднан Незири од редовите на Алијанса за Албанците во партиското седиште во Тетово одржа прес-конференција при што посочи дека иако поминал еден месец од трагедијата во модуларната болница во Тетово, каде што 14 тетовци беа изгорени живи, сè уште нема ниту морална, ниту правна одговорност. Според него попусто што било досега се зборувало за истраги и меѓународни експерти, кога сè уште нема епилог.

- Денес слободно можеме да констатираме дека политизираното судство и хибридниот режим на СДСМ и ДУИ, ги потврдија сите наши предупредувања. Оваа влада, покрај тоа што запали 14 животи и срцата на сите нас, ја исмеваше и болката на семејствата на жртвите. Наводните оставки, за кои исто така предупредивме, резултираа со, како што најавивме, голема измама и исмејување на членовите на семејството, истакна Незири. Тој посочи дека не бара правда и одговорност од тие што веќе докажале дека се неодговорни. - Денес, ве предупредуваме дека правдата ќе дојде, ќе ве удри сите што со криминал и корупција крадевте од здравјето на граѓаните, од безбедноста на основните институции и од сè друго поврзано со безбедноста на граѓаните. Докажавте дека сте опасни за животот на сите во оваа земја, затоа ги повикуваме граѓаните заеднички да ја отстраниме оваа опасност по животот на сите нас и потоа да ги изведеме пред лицето на правдата сите оние што ни го затемнуваат животот овие две децении, изјави Аднан Незири. ас/ки/

Остани поврзан