• вторник, 05 ноември 2024

Недостигот на витамин Б12 може да предизвика и когнитивни проблеми

Недостигот на витамин Б12 може да предизвика и когнитивни проблеми

Лос Анџелес, 27 ноември 2023 (МИА) - Веројатно една од најважните хранливи материи за човековото тело е витаминот Б12, којшто е потребен за нормално секојдневно функционирање.

Витаминот Б12 учествува во многу процеси во телото, вклучувајќи ја и синтезата на ДНК, создавањето црвени крвни зрнца и на изолационата обвивка што им овозможува на сигналите да минуваат низ нервниот систем. Можен недостиг од тоа, на пр., се знае дека може да предизвика анемија, потоа - замор, мускулна слабост, вртоглавица или зашеметеност... Но, помалку е познато дека недостатокот на витамин Б12 може да предизвика и умствени проблеми.

Според напис објавен во „Британскиот медицински журнал“ (Би-ем-џи), има барем пет проблематични когнитивни состојби забележани кај 85 отсто од пациентите со недостаток на Б12. Тоа се: проблеми со помнењето, когнитивни тешкотии, афазија, проблеми со учењето и главоболки (мигрена).

„Анемијата е присутна кај помалку од 20 отсто од луѓето со недостаток на витамин Б12. Невролошките проблеми, пак, што се многу почести, може да траат со месеци, па дури и години, додека целосно да се решат“, се наведува во написот.

За луѓе кои немаат поголем недостиг на витамин Б12 и невролошки симптоми, витаминот може да се прима орално во доза од 1.000 до 2.000 микрограми одеднаш / на ден. Витаминот Б12 го има само во храната од животинско потекло. Количината витамини во намирниците зависи од видот храна и земјата на производство. Во повеќето случаи, состојбата може да се подобри кога ќе се збогати исхраната со месо, риба, сирење, путер, јајца, хранлив квасец и друга храна што содржи витамин Б12. Меѓутоа, ако недостигот е потежок, можеби пациентот ќе треба да зема дневни додатоци и инјекции.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан