• недела, 22 декември 2024

Македонски кулинарски специјалитети од брашно, сол и вода, и „зачин – љубов“

Македонски кулинарски специјалитети од брашно, сол и вода, и „зачин – љубов“

Битола, 5 ноември 2023 (МИА) - Мазници, питулици, кифли и други специјалитети од брашно, сол и вода, секогаш со љубов, се подготвуваат во домашната кујна на вредни домаќинки од Пелагонија, кои посебно се мотивираат кога своите производи ги изложуваат на саемски манифестации, натпревари и други собири.

Вредни жени од Битола, Новаци, Бистрица и други населени места, гордо или можеби подобро, горделиво, ги претставуваат производите убави за око, но уште поубави за уста, вкусни, пресни..затоа што, како што велат, секогаш им додаваме „зачин – љубов“!

Рецептите на нашите мајки, баби, прабаби ги чуваме, памтиме и пренесуваме во семејството. Македонската храна е позната насекаде, но секое поднебје си има свои посебности. Јас подготвувам зелници, мазници, питулици, крофни, кифли, а на барање на внучињата, во семејството или на муштерии, додавам спанаќ, праз, лук, сирење..., вели Вера Котевска од Новаци.

- Младите се повеќе се интересираат за македонската кујна со вкусни традицинални јадења. Домашната кујна е незаменлива и поквалитетна од т.н. „купечка“ храна. Јас членувам во организацијата „Силата на бабата“ која учествува на сите манифестации каде сме поканети. Во Пробиштип бевме на сучење на зелникот на баба, но и во Македонска Каменица и на други места каде се промовира македонската кујна. За квалитетна храна потребно е да се употребат здрави и проверени намирници. Често во производите ставаме пиперки, домати, праз, кромид, тиква...се што дома е произведено. Се радуваме и задоволни сме кога конзументите се воодушевуваат од произведеното. Оваа македонска традиција може да се зачува затоа што младите се повеќе се интересираат за домашната кујна. Неодамна имавме гости од Словенија и Грција и тие пред да стигнат бараа да им подготвиме домашна храна, посочи Котевска.

Домашната и природна храна е здрава храна. и ние насекаде ја препорачуваме, велат од битолската Организација на жени, кои во градот се препознатливи со своите македонски специјалитети често изложени на различни национални и меѓународни натпревари и средби.

Членките на Организација на жени од Општина Битола го негуваат традиционалното затоа што, за жал, младите се повеќе немаат слободно време. Се почесто се во ресторани на конфекционирана храна, и затоа ние ја користиме секоја прилика да покажеме дека може да се подготвува во домашната кујна, појаснува Светлана Петковска, претседателка на ОЖ-Битола.

-Веруваме дека македонската кујна нема да се заборави, како што за жал многу поранешни производства веќе се во заборав. Потребно е рецептите да се публикуваат за младите генерации да знаат како да се вратат во македонската домашна кујна. Многу е убаво кога конзумираш храна направена со свои раце. Сите сакаат питулици со лук, зелници и се што се подготвува со вода, сол и брашно. Нашите кулинарски вештини често ги презентираме и во странство. Во соседна Србија учествуваме во проектот „Мома, меси на маса“ во кој се подготвуваше прекрасен и вкусен леб, но најважно од се е што се дружиме, вели Петковска.

Од неодамна на македонскиот пазар има и интегрални тестенини со блитва, коприва, со лук или куркума, кои ги подготвува битолчанецот Ѓорги Тошев, производител на домашна тестенина „паста делиција“.

-Произведуваме домашни кори кои знае да ги направи секоја домаќинка. Но, јас воведов и интегрални тестенини со блитва, со коприва, со лук, со куркума...бидејќи интересот во домаќинствата е се поголем. Кај нас порано почесто се правеа домашни кори, но динамичниот живот ги принудува семејствата да купуваат и затоа ние сме тука, кусо ни рече Тошев.

Водена од народната изрека „од нива до трпеза“, младата домаќинка Виолета Јаневска која живее и работи во населеното место Бистрица, со задоволство говори за кулинарски специјалитети во кои задолжително има јаболка.

-Малкумина останаа да го негуваат бистичкото јаболко. Но навистина неможе да се опише чувството кога прво сте во бавча, потоа го собирате, и на крајот на маса произведуваме пита со јаболко, панакота со јаболка, десерти од јаболка. Денес младите ја избегнуваат работата во бавчите, но ние, со сопругот, нашето семејство успеваме да работиме и тоа го правиме 17 години. Работниот ден ни почнува во раните зори, а завршува доцна навечер. Последниве години го климатските промени го нарушија квалитетот на јаболкото, се појавија штетници и болести, но успеваме да се справиме и да ги заштитиме јаболката и јаболковите насади. Брза, лесна или „лења пита“ правам според рецепти од баба ми...но, правам питулици, зелници, мазници...домашните производи без адитиви и без засилувачи на вкус, бидејќи така подготвени сите ги сакаат, вели Јаневска.

Најважната работа која домаќинките ја даваат при месењето тесто и подготовка на кулинарски специјалитети е „зачинот – љубов“. Ако не додадете „зачин – љубов“, тогаш ниту една храна нема да биде вкусна, велат домаќинки од Пелагонија и препорачуваат – потпевни додека месиш за да ти пејат дечињата низ дома!

Марјан Танушевски

Фото:МИА

Остани поврзан