• понеделник, 23 декември 2024

Невремето „Елпида“ носи снег во Грција и затвора училишта, надлежниот министер апелира да се избегнуваат непотребни движења

Невремето „Елпида“ носи снег во Грција и затвора училишта, надлежниот министер апелира да се избегнуваат непотребни движења
Атина, 23 јануари 2022 (МИА) – Невремето „Елпида“ (Надеж) што ја зафати Грција, во повеќе делови од земјата веќе донесе снег и тоа на места што досега не било вообичаено да бидат под снежна покривка, а се очекува утре да пристигне и во Атина, поради што училиштата во следните два дена ќе останат затворени, додека пак надлежниот министер ги повика граѓаните да избегнуваат непотребни движења, јави дописничката на МИА од Атина. Попладнево беше одржан вонреден состанок Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција за подготвеноста на државниот механизам да се справи со снежната бура, а периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, по средбата со сите градоначалници, донесе одлука основните и средните училишта да останат затворени. Училиштата ќе бидат затворени и во повеќе други делови на Грција, во северниот и централниот дел, на дел од островите и на Крит, а наставата ќе се одржува онлајн, додека пак во вторник, ќе се донесе одлука дали во среда учениците ќе се вратат во училишните клупи. Министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис, по состанокот рече дека во следните два дена се очекуваат интензивни временски појави со густи врнежи од снег во повеќе делови на Грција, а на состанокот на кој присуствувале претставници на перифериите, општините, противпожарната служба, армијата, полицијата, итната помош, биле разгледани три теми: работата на училиштата, да останат во функција автопатите и да нема прекини во снабдувањето со електричната енергија. Објасни дека одлуката за работата на училиштата ја носат локалните власти, а затворањето е оправдано со оглед на тоа што „невремето може да започне додека учениците се на училиште и потоа да биде тешко и опасно нивното враќање дома“, но и со оглед на тоа што поради пандемијата наставата се одвива под специјални услови и прозорците треба да бидат отворени. Во однос на движењето на граѓаните, Стилијанидис упати апел граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат непотребни движења, посочи дека во повеќе делови на земјата ќе биде потребна зимска опрема за возилата додека пак за автопатите, рече дека „ќе се направат големи напори да останат отворени за да може земјата да продолжи да функционира и да продолжи економската и општествената активност“. -Упатуваме силен апел до граѓаните да бидат многу внимателни и да избегнуваат секакво непотребно движење во следните 48 часа, рече Стилијанидис, истакна дека земјата ја очекуваат „тешки два дена и потребна е внимателност и будност од сите“ и упати „искрена молба“ до граѓаните верно да ги следат упатствата од властите. Надлежниот министер најави дека преку бројот 112 за итни случаи, во деловите на Грција каде што ќе има потреба ќе биде испратена смс порка до граѓаните со конкретни упатства. Ваква порака, со апел во следните 48 часа да се избегнуваат непотребни движења, попладнево, веќе добија жителите на неколку области меѓу кои и Кикладските острови, Евија и дел од централна Грција. Невремето „Елипида“ денеска донесе снег на дел од Кикладските острови, па така, Миконос, Наксос, Тинос, Сирос, Андрос, утрово беа под снежна покривка, нешто што не е честа појава. Во февруари минатата година, Атина, по најмалку десет години беше под снег, кој иако не надмина 20 до 25 сантиметри, создаде сериозни проблеми и прекин во електричната енергија во повеќе населби. ср/

Остани поврзан