• среда, 11 февруари 2026

Неверојатни резултати од истражување во САД: Сите пациенти излечени од рак

Неверојатни резултати од истражување во САД: Сите пациенти излечени од рак
12 јуни 2022 Њујорк Тајмс Речиси неверојатни вести пристигнаа од САД, каде мала студија, на пациенти, кои боледуваат од рак на ректумот, им даде нова надеж, јави Њујорк Тајмс. Кај сите 18 пациенти, учесници во студијата, ракот целосно исчезнал и не можел да се пронајде ниту со преглед, ниту со снимки како МР. Иако станува збор за мал број учесници, Луиз А. Дијаз, авторот на студијата објавена во Њу Ингланд Журнал оф Медисин, тврди дека не му е познато ниту едно истражување, каде ракот целосно исчезнал буквално кај секој пациент, кој го зел лекот што се испитува, пренесува Нови лист. - Верувам дека ова се случува за првпат во историјата, изјави Дијаз. Друг лекар, Алан П. Венук, кој не бил вклучен во истражувањето, исто така тврди дека никогаш не слушнал за ваков случај. - Целосна ремисија кај баш секој пациент, е, нешто нечуено, додаде тој. Пациентите се подготвувале за хемотерапија, зрачење и операции што, веројатно, би завршиле со трајни цревни, уринарни и сексуални дисфункции. Но, по учеството во ова истражување, ги дочека изненадување - не е потребно никакво понатамошно лечење. Работата да биде уште подобра, пациентите немале никакви негативни реакции на лекот. Во просек, еден од пет пациенти има негативни реакции на лекови, како оние користени во истражувањето, а што работат на начин да се „откријат“ клетките на ракот, овозможувајќи му на имунолошкиот систем да ги открие и уништи. Иако резултатите од истражувањето се доста оптимистични, експерти предупредуваат дека прерано е да се носат дефинитивни заклучоци. Кими Нг од Универзитетот Харвардс смета дека резултатите се одлични и без преседан, но, ќе треба да се повторат. Во истражувањето користени се „инхибитори на контролната точка“, лекови што не се нови и што и инаку се користат при лечење малигни заболувања. Разликата е во тоа што, во ова истражување, лековите на пациентите им се дадени доста порано, пред клетките на ракот да добијат шанса да се прошират по целото тело. На крај, пациентите кои учествувале во истражувањето, не само што немале потреба од понатамошно лечење како зрачење, што кај вакви карциноми може и да ја влоши состојбата, хемотерапии и операции, туку ракот целосно исчезнал, барем според сегашните показатели. Пациентка во истражувањето, која оболела во 2019 година кога имала 38 години, веќе била подготвена за операција и зрачење, кога слушнала за студијата. По терапијата, лекари ѝ кажале дека повеќе нема рак, нејзе тоа ѝ било тешко за верување. Меѓутоа, две години по терапијата, нејзините наоди се и понатаму „чисти“, односно покажуваат дека нема рак. бд/
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан