МИА анализа: Дали новиот Закон за јавно обвинителство ќе ја крене 2 - отстотната доверба во правосудството?
- Новиот Закон за јавно обвинителство за првпат ќе се најде на пленарна седница. Но, што ќе донесе тој? Дали со него ќе може да се поправи состојбата со само два отсто доверба, специјални обвинители кои наплатувале милионски суми додатоци за предмети што биле политички монтирани, но и дисциплински постапки против обвинители кои сакале да го истражат тоа, незавршени постапки поради откажување на обвинителите, смена на обвинението во корист на обвинет функционер, застарени предмети...
Скопје, 10 март 2026, (МИА) -Построги дисциплински правила, без чување предмети во фиока, почесто и вонредно оценување на работата, но и самостоен буџет, како што бараше обвинителството за да ја зголеми својата ефикасност... Новиот Закон за јавно обвинителство за првпат ќе се најде на пленарна седница.
Но, што ќе донесе тој? Дали со него ќе може да се поправи состојбата со само два отсто доверба, специјални обвинители кои наплатувале милионски суми додатоци за предмети што биле политички монтирани, но и дисциплински постапки против обвинители кои сакале да го истражат тоа, незавршени постапки поради откажување на обвинителите, смена на обвинението во корист на обвинет функционер, застарени предмети...
Веќе објавивме и дека, според европското истражување за правда (ЦЕПЕЈ), во Македонија еден обвинител од 2012 до 2022 година во просек годишно работел на 170 до 200 предмети, што е под или во рамките на европскиот просек од околу 204 предмети годишно по обвинител.
ПЛАТАТА ОСТАНУВА, ЗА БУЏЕТОТ ЌЕ МОРА ДА СЕ ПРЕГОВАРА
Досега обвинителите решение на ваквата состојба гледаа само во поголем буџет и поголем број обвинители (иако и тука сме над европскиот просек). Платата на јавните обвинители и понатаму ќе се регулира со посебен закон со коефициенти, но буџетот е либерализиран.
Наместо 0,4 отсто од целиот буџет, сега обвинителството ќе може да добие од државата 0,4 отсто од приходите. Сепак, откако ќе ги добие тие пари, во преговори со Министерството за финансии, јавниот обвинител самостојно ќе располага со нив. Делумно самостоен буџет ќе има и Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЌЕ ТРЕБА ДА Е МЕНАЏЕР СО ПРОГРАМА
Но, ако платата и парите се загрантирани, како ќе се загарантира квалитетот на избраните обвинители и како ќе станат поефикасни и подоговрни во својата работа? Ќе има ли одговорност?
Се менуваат неколку работи во изборот на државниот јавен обвинител. За оваа функција ќе можат да конкурираат само актуелни јавни обвинители или судии кривичари, што е различно од претходното решение, кое бараше лицето што конкурира да има стаж како јавен обвинител или судија.
Впрочем, оваа дилема беше причина и за дисквалификација на поранешниот судија Панчевски од актуелната трка за прв човек на Државното обвинителство. Второ, покрај потребниот стаж, се додава и услов кандидатот да поседува организациски и менаџерски способности.
Обвинителот отсега ќе треба да конкурира и со напишана програма за работа во својот мандат, а ќе се следи и нејзината реализација. Новина е тоа што Советот е тој што ги прегледува биографиите на кандидатите — чекор кој воопшто не беше спомнат во важечкиот закон, па повторно наиде на проблеми и кај последниот оглас за јавен обвинител.
Кандидатите ќе треба на јавна седница и да ги презентираат програмите со кои конкурирале, а Советот ќе мора прецизно да образложи како ги доделил оценките за стручност и интегритет.
Државниот обвинител може да добие уште еден мандат за оваа функција, но не последователно (реизбор не е дозволен), туку по пет години откако ќе му истече првиот мандат.
За останатите обвинители (виши или основни) се намалуваат годините стаж потребни за избор. Од друга страна, се зголемува потребниот стаж за избор на обвинителите во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК).

ПОТЕШКО ЌЕ СЕ ИЗБИРА, А ПОЛЕСНО ЌЕ СЕ РАЗРЕШУВА
Непостапувањето на обвинителите, особено во предмети на корупција, се смета за една од клучните причини за ниската доверба што ја имаат граѓаните. Според новиот предлог, обвинител отсега ќе може да се разреши ако „чува предмети во фиока“ и со тоа застари кривичното гонење за функционери, или ако се работи за предмети со многу жртви, голема материјална штета или, пак, е загрозена безбедноста на државата.
Со разрешување ќе се казнува и обвинител кој ќе добие две последователни негативни оценки за работата или има чести дисциплински повреди. Разрешувањето го врши Советот на јавни обвинители со осум гласа, по пријава на непосредниот претпоставен обвинител.
Има промени и во однос на тоа кога предвреме ќе му престане мандатот на обвинителот. Меѓу другото, на обвинителот по автоматизам ќе му престане мандатот ако е правосилно осуден на казна затвор (досега беше потребно да биде осуден на најмалку шест месеци затвор) или ако е осуден за кривично дело против службената должност, независно од висината на казната.
Наместо само тешка дисциплинска повреда и членување во партија, сега основ за разрешување на државниот обвинител може да биде и крајно недолично однесување со кое се нарушува угледот на обвинителството или ако јавното обвинителство работи неефикасно. Иницијативата може да дојде од Владата или од Советот на јавни обвинители, а седницата на која се расправа за предлогот за разрешување треба да биде јавна. Разрешувањето и понатаму го врши Собранието.

ОЦЕНА И ДИСЦИПЛИНА
Контролата е механизмот преку кој ќе се бара поефикасна работа на македонските обвинители. Јавниот обвинител секоја година ќе мора да изработува план за работа. Врз основа на тој план ќе се врши надзор во обвинителствата, и тоа редовно – два пати годишно, а може и вонредно, доколку постои сомнеж дека некое обвинителство не работи како што треба.
Оценувањето на обвинителите, пак, наместо на четири, ќе се врши на три години. Обвинителот кој за својата работа ќе добие негативна оценка, по една година повторно, вонредно, ќе биде оценуван.
Се воведува и нова градација на дисциплинските повреди: лесни, тешки и најтешки, а тоа повлекува и промена во изречените мерки. Со намалување на платата од 20 до 30 отсто до шест месеци или со забрана за унапредување од три до пет години може да се соочи обвинител кој со умисла ќе ги повреди правата на странките во постапката, нема да постапува во законските рокови со што ќе дојде до одолговлекување на постапката, ќе направи професионална грешка, но и ако не го пријави или даде неточни податоци за својот имот.
За да нема злоупотреба на дисциплинските постапки за елиминација на обвинители, какви што имаше во изминатиот период, во постапката ќе учествува и претставник од Здружението на обвинителите. За изречените дисциплински мерки ќе се води евиденција.


Новиот закон за јавно обвинителство ќе оди на јавна расправа во Собранието. Комисијата за политички систем одлучи на расправата да бидат повикани правни експерти кои ќе ги изнесат своите забелешки за предложеното законско решение. Станува збор за реформски закон – дел од европската агенда, кој ќе се носи со двотретинско (2/3) мнозинство.