На „туѓа“ венчавка, кумот изненаден од невестата
- Пол Шопрони со години се обидувал да ја убеди својата девојка Алаше Пилаве да се омажи за него. Велшанката го одбивала...
Лондон, 16 септември 2021 (МИА) - Британецот Пол Шопрони (40) со години се обидувал да ја убеди својата девојка Алаше Пилаве да се омажи за него. Велшанката го одбивала... По неколку години врска, Алаше сепак одлучи да се омажи за Пол и му го покажа тоа на „уникатен начин“, пишува Метро.
- Последниве две години, тој ми бараше да се венчаме околу 30 пати на ден... А, јас бев во брак двапати претходно и малку се двоумев да го повторам сѐ тоа, призна Алаше.
Но потоа, Алаше организирала лажна венчавка, божем - за двајца пријатели, а Пол бил убеден дека тој е кумот... И додека тој чека свеченоста да започне, невестата влегува во просторијата во бела венчаница, пеејќи ја нивната омилена песна додека се приближува кон својот избраник.
Тој е збунет првите неколку мига, но потоа сфати дека тој е младоженецот, па се насмеа и заигра, додека гостите ракоплескаа.
Откако ја заврши песната, Алаше клекна пред Пол и го запроси. Тој, на шега, прво избега од неа неколку чекора, па се врати и ја бакна својата идна сопруга. си/