• понеделник, 23 декември 2024

На празнувањето на Крстовден во Ерусалим архијереј на нашата црква првпат беше удостоен врз својата глава да го носи Чесниот крст

На празнувањето на Крстовден во Ерусалим архијереј на нашата црква првпат беше удостоен врз својата глава да го носи Чесниот крст
Дебар, 27 септември 2022 (МИА) - На сеправославното празнување на Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов - Крстовден во светиот град Ерусалим, епископот антаниски г. Партениј беше удостоен врз својата глава да го носи Чесниот крст, што е првпат ваква чест да му се укаже на архијереј на Охридската архиепископија. Како што информираа од Бигорскиот манастир, со Божествената литургија по повод Крстовден, чиноначалствуваше неговото блаженство, патријархот ерусалимски г. г. Теофил, кому му сослужеа уште десетина архијереи, меѓу кои и епископот антаниски г. Партениј. - Првпат по векови, архијереј на нашата црква, најсветата Охридска архиепископија, беше удостоен врз својата глава да го носи Чесниот крст, испраќајќи четворен благослов од четиристраната Светиња за сите нејзини чеда, се посочува во информацијата од Манастирот. Оттаму додаваат дека заедно со светите архијереи, служеле и неколку десетици архимандрити, јеромонаси и свештеници од повеќе земји, а меѓу нив и бигорскиот архимандрит Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј и монахот Аверкиј. - Торжеството започна со архиерејска и свештеничка литија од Ерусалимската патријаршија, предводена од блаженејшиот патријарх г. г. Теофил, до Сесветиот храм на Воскресението, каде што се служеше празничната Литургија. По завршетокот на Евхаристијата, следуваше свечена литија до местото каде што Светата Царица Елена го нашла Чесниот Крст, а оттаму на Голгота, па повторно во Храмот, нагласуваат од Бигорски. На епископ г. Партениј, посочуваат, од патријархот и архиереите на Ерусалимската Патријаршија му беше укажана голема чест, со тоа што тој беше удостоен да го носи светото Животворно Дрво над својата глава. Според нив, во полнотата на денешната сепразнична радост учествувале и повеќе верници од земјава, духовни чеда на најсветата Охридската Архиепископија. - По завршувањето на торжественото богослужение, архиереите и свештенослужителите биле примени на свечен прием во Салата на Тронот од блаженејшиот патријарх г. г. Теофил, каде сите со радост си го честитале големиот празник. По повод денешното славје, како и во знак на повеќедецениското пријателство, митрополитот на Востра, г. Тимотеј, егзарх на Ерусалимската Патријаршија во Кипар, на нашиот Старец му подари скапоцена архијерејска енколпија, велат од Бигорски манастир. Епископ Партениј, со дел од бигорското братство е во посета на Ерусалимската Патријаршија со благослов на архиепископот г. г. Стефан и на митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. вт/мд/

Остани поврзан