• сабота, 06 декември 2025

На кавадаречки ученици претставена Ѓурѓовденска традиција

На кавадаречки ученици претставена Ѓурѓовденска традиција

Кавадарци, 6 мај 2025 (МИА) - Во кавадаречкиот Вински музеј за регион Тиквеш пред учениците на ОУ „Димката Ангелов-Габерот" од Кавадарци попладнево било претставена Ѓурѓовденската традиција.

- Денес во Вински Музеј за регион Тиквеш - Кавадарци го одбележуваме Ѓурѓовден, ја славиме природата, младоста, го славиме животот и ја негуваме традицијата заедно со учениците од IV а, б и в одделение при ОУ "Димката Ангелов-Габерот" од Кавадарци со одделенските наставнички Силвана Грозданова, Цветанка Каровска, Валентина Тодорова и Кети Гинева - англиски јазик, информираше директорката на Музејот, Елизабета Ристова. 

За обичаите и верувањата за празникот Ѓурѓовден и за традицијата на учениците им зборувал Томе Крстевски, виш кустос етнолог во кавадаречката Музеј галерија. Тој потенцираше дека во основа на Ѓурѓовден е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата. 

- Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.  Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро, сподели Крстевски. 

Потенцира дека посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени дрвја се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести.свд/фф/

Фото: Вински музеј

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан