• четврток, 19 декември 2024

На инфективно одделение во Куманово над 50-тина хоспитализирани пациенти заболени од грип

На инфективно одделение во Куманово над 50-тина хоспитализирани пациенти заболени од грип

Куманово, 26 јануари 2024 (МИА) - Над педесетина пациенти се лекуваат на инфективното одделение во општа болница Куманово, информираа надлежните. Поголем дел од нив се лица со коморбидитети.

- Во зимскиот период преовладуваат вируси и најзастапен во моментов е вирусот на грип. На дневно ниво имаме над 50-60 па и повеќе пациенти кои поминуваат низ специјалистичка инфективна амбуланта. Што се однесува до хоспитализирани пациенти бројката се движи околу 50 но е динамична секојдневно се менува, кои секако бараат згрижување и тоа се пациенти со потешка клиничка слика, изјави началникот на инфективното одделение од кумановската болница, примариус д-р Сунчица Јосифова.

Грипот, појаснува д-р Јосифова започнува наеднаш со висока температура, главоболка, со кашлица, студ, грозница и болка во целото тело. Оние со добар имунолошки систем болеста ја поминуваат за една недела до десет дена, со целосно заздравување. Пациентите со одредени пропратни болести, постарите лица, малите деца, бремените жени можат да пројават потешка клиничка слика.

- Вирусот прави и компликации кои редовно се јавуваат кај такви пациенти кај кои и самата имунолошка состојба им е намалена. Штитејќи се од грип се штитат и од другите вируси, начинот на заштита е ист. Пред сè да избегнуваат контакт со заболено лице, или ако веќе мора да бидат во контакт да носат маска заштитна, најмногу штити маската N95, да избегнуваат собири во поголеми групи на мало растојание, често да ги проветруваат просториите, да земаат повеќе течности, витамини, вели Јосифова.

Важно е сите да работата на имунолошкиот систем, но тоа треба да биде долготраен процес преку целата година, не само во периоди на вируси. За лекарите многу е важна вакцинацијата која треба да се спроведе октомври, почеток на ноември, за да може организмот создаде имунитет и соодветно да одговори на инфекциите.

- Ако не се работи за компликација на вирусот сакам да напомнам никаков антибиотик не делува и препорачувам пациентите особено на своја рака никако да не земаат антибиотици. Препорачаната терапија е симтоматска, топли течности, антипиретици, против температура, витамини, но и тука треба да се умерени да не се доведат во состојба да се предозираат, да не бидат во контакт со поголеми групи, да одмараат дома, одморот е многу важен. Кај сите кај кои постојат компликации, кои се постари од 65 години и има посериозна клиничка слика секако ќе се јават пред сè кај матичниот доктор а тој врз основа на негова процена ќе одлучи дали ќе ги упати кај нас на одделението. Оттука зависно од клиничката слика одлучуваме на кој начин ќе биде понатамошниот третман дали ќе биде во домашни услови или пак пациентот ќе биде хоспитализиран, вели д-р Јосифова.

Во моментов на инфективното одделение во Куманово сместени се и тројца пациенти заболени од Ковид. ам/ир

Фото: МИА

Остани поврзан