• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден

27 февруари 2023 (МИА) 

 

1617.- Меѓу Шведска и Русија била склучена спогодба за мир (Столбовски мир) со кој Шведска и ги вратила на Русија Новгород, Порхов, Ладога и уште некои области. 

 

1844.- Домениканска Република се одвоила од Хаити и станала независна држава.  

 

1847.- Родена е англиската театарска актерка Елен Алиса Тери, најголем толкувач на женските улоги во делата на Вилијам Шекспир во британскиот театар во втората половина на 19. и почетокот на 20. век. 

 

1881.- Роден е исландскиот државник Свејн Бјернсон, прв претседател на Исланд по прогласувањето на оваа островска земја за република во 1844 година. 

 

1887.- Умрел рускиот композитор и хемичар Александар Порфириевич Бородин, припадник на неформалната музичка група „Големите петмина“ и втемелувач на руската симфонија и камерна музика. Дела: операта „Кнезот Игор“, симфонија бр. 2 („Багатирска симфонија“) , симфониска слика „Во средна Азија“. 

 

1900.- Основана била британската Лабуристичка партија, со Ремзи Мекдоналд како секретар. 

 

1902.- Во Салинас, Калифорнија, во САД, е роден Џон Ернст Штејнбек, американски писател. Најголем успех постигнал со романот „Плодови на гневот“ во кој го прикажал експлоатирањето и трагичното страдање на земјоделските работници - безземјаши. Исто така познати се и неговите дела „Источно од рајот“, „Месечината зајде“, „Глувци и луѓе“ и други. Во 1962 година ја добил Нобеловата нагрда за литература. Умрел во Њујорк, на 20 декември 1968 година. 

 

1913.- Роден е американскиот писател Ирвин Шо. Во Втората светска војна како војник учествувал во Европа и во Африка. Дела: „Млади лавови“, „Луси Краун“, „Две недели во друг град“, „Гласови на летниот ден“, „Богат и сиромав“. 

 

1932.- Родена е англиската филмска актерка Елизабет Тејлор. Дебитирала во 1942 година во филмот „Леси се враќа дома“, станувајќи позната ѕвезда уште како девојче. Филмови: „Место под сонце“, „Ајванхо“, „Патека на слоновите“, „Дрво на животот“, „Џин“, „Baterfild 8“ (Оскар), „Клеопатра“, „Хотел Интернационал“, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ (Оскар), „Одсјај во златното око“, „Тајна церемонија“. 

 

1933.- Во пожарот што го подметнале нацистите изгорела зградата на парламентот (Рајхстагот) во Берлин. За палењето на Рајхстагот властите ги обвиниле комунистите (биле уапсени 1.500 комунистички функционери) дека го запалиле како сигнал за востание. На судскиот процес во Лајпциг, еден од уапсените комунисти, бугарскиот револуционер Георги Димитров ги разоткрил плановите и суштината на нацизмот, така што судењето се претворило во јавна осуда на нацистичкото движење. 

 

1936.- Умрел Иван Павлов, руски научник, лекар-физиолог. Со својата теорија за условните рефлекси и со други трудови ги поставил темелите на материјалистичкото толкување на највисоките функции на кората на големиот мозок. Во 1904 година ја добил Нобеловата награда за медицина и за физиологија. Роден е на 14 септември 1849 година. 

 

1939.- Обединетото кралство и Франција ја признале владата на генралот Франко, наспроти легално избраната републиканска влада која ја загубила граѓанската војна. Франциско Франко вовел диктатура, за подоцна да ја обнови монархијата. 

 

1952.- Одржана била првата седница на Обединетите нации во новото постојано седиште на светската организација во Њујорк. 

 

1967.- Во Пропиштип е роден Владо Јовановски - македонски театарски, филмски и телевизиски актер. Завршил Факултет за драмски уметности во Скопје. Член на Драмата при Македонскиот народен театар е од 1993 година. Позначајни филмови: „Ослободување на Скопје“ (2016), „Лазар“ (2015), „Деца на сонцето“ (2014), „Соба со пијано“ (2013), „Трето полувреме (2012),  Бал-кан-кан (2005), „Големата вода“ (2004), „Прашина (2001)... 

 

1976.- Ескимските лидери и предочиле на канадската влада дека на нивниот народ му припаѓа половина милион квадратни километри од Канада. 

 

1976.- Во некогашната колонија „Шпанска Сахара“  која владата во Мадрид им ја предала на управување на Мароко и Мавританија, ослободителното движење „Полисарио“ го објавило основањето на Сахарската Арапска Демократска Република, позната како Западна Сахара. 

 

1978.- Египет ги прекинал поволностите за Палестинците во земјата, израмнувајќи ги со останатите Арапи. 

 

1990.- Умрел Михаил Петрушевски, македонски академик, филолог, еден од основачите на Филозовскиот факултет во Скопје на кој бил вонреден и редовен професор, како и прв декан на истиот, а подоцна и ректор на Скопскиот универзитет. Објавил над 200 научни и стручни трудови од областа на класичната филологија. За македонската култура од особено значење е неговата преведувачка дејност на „Илијада“ од Хомер, „Скендербег“ од Григор Прличев и на други дела. Роден е во Битола, на 2 јули 1911 година. 

 

1991.- Во Заливската војна меѓу Ирак и САД и сојузничките сили Ирак бил поразен. Ирачаните морале да се повлечат од Кувајт кој бил окупиран на 1 август 1990 година. 

 

1996.- Република Македонија и Република Грција воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 

 

2003.- Хашкиот трибунал ја осудил поранешната претседателка на Република Српска - Биљана Плавшиќ на 11 години затвор. 

 

2007.- Главнот обвинител на постојаниот Меѓународен кривичен суд во Хаг Луис Морено - Окампо ги обелоденил имињата на двајцата обвинети за злосторство во суданската провинција Дарфур, поранешениот судански министер за внатрешни работи и порашениот командант на локалната полиција. 

 

2013.- По кусо боледување на 80 години починал Александар Лековски, истакнат македонски диригент и композитор од првата генерација целосно едуцирани македонски музичари. Бил постојан диригент на Операта и нејзин директор, а потоа и на Македонската филхармонија. Под негова палка се изведени голем број опери („Норма“, „Травијата“, „Љубовна напивка“, „Кнез Игор“, „Аида“, „Трубадур“, „Дон Карлос“, „Севилскиот бербер“, „Трубадур“...) и оркестарски композиции. Диригирал на многу познати светски сцени, настапувајќи со врвни оркестри и солисти. Како композитор своите инспирации најчесто ги црпел од фолклорот (Македонски танци (1968), Јужни бранови (1997) Обединети (2001). За својот уметнички придонес Александар Лековски бил добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои „11 Октомври“ и „Панче Пешев” (1994). 

2019.- По тешко боледување почина Ристо Ѓ. Јачев, поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, преведувач. Член е на ДПМ од 1967 година. Автор е на збирките поезија: „Кавал и магија“ (1967), „Смртта на ангелот“ (1968), „Подземни сенки“ (1973), „Димна гора“ (1974), „Болна градина“ (1976), „Секнати извори“ (1979), „Горница“ (1984), „Сопатникот на сеништата“ (1988), „Ехо на квечерината“ (1989), „Ангел на Христовиот гроб“ (1991), „Камена перница“ (1992), „Смртни песни“ (1994), „Заточеникот на мракот“ (1996), „Велестовски ноќи“ (1996), „Вакафска земја“ (поема, 1998), „Жедна ноќ“ (2000), „Белиот светец“ (2003), „Студен мрак“ (2005), „Зборови и солзи“ (2007), „Под златната шума“ (2009), „Редење на времето“ (2011), „Помнам“ (2013), „Тагата на славејот“ (2016). Тој е вграден во македонската литература и со неколку прозни дела, и тоа романите: „Кукла“ (1991), „Јаков“ (1993), „Патот на ангелите“ (трилогија, 1996), „Алексеј“ (2002), „Синот на свештеникот“ (2012) и повеста „Вечерни ветрови“ (1972). Зад себе го остави и драмскиот текст „Моите соништа“ (2000). Роден е на 15 мај 1942 година во Долно Родево, Воденско. 

### 

Остани поврзан