• сабота, 21 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
7 март 2020 (МИА) 1785.- Роден е италијанскиот писател Алесандро Манцони. Се залагал за обединување на Италија, силно поддржувајќи го националното движење во четириесеттите години на 19. век. Пишувал лирски песни, трагедии и романи. Дела: романот „Вереници“, посмртната ода за Наполеон Први „Света химна“, драмите „Гроф Кармањол“, „Аделки“. 1850.- Роден е чехословачкиот државник Томаш Масарик, професор на Прашкиот универзитет, филозоф. Бил првиот претседател на Чехословачка од 1918 до 1935 година. Дела: „Социјално прашање - филозофски и социолошки основи на марксизмот“ (марксизмот го третираше како економски материјализам и едностран колективитет), „Самоубиството како социјална масовна појава на модерната цивилизација“, „Принципи на моралот на Дејвид Хјум“, „Основи на конкретната логика“, „Најнови филозофии на религиите“. 1857.- Во Велс е роден Јулиус Вагнер фон Јаурег, австриски невролог, медицински научник и професор на Универзитетот во Виена. Тој бил еден од најпознатите невропсихијатри на современата епоха. Во 1927 година ја добил Нобеловата награда за физиологија или медицина за откривањето на терапевтската вредност на заразувањето со маларија во лекувањето на прогресивната парализа. Умрел во Виена, на 27 септември 1940 година. 1875.- Во Цибор, на Пиринеите, е роден Морис Равел, француски композитор. Тој бил еден од најпознатите претставници на францускиот импресионизам, творец на многу оригинален израз. Најпознати дела му се оркестарската композиција „Болеро“, операта „Шпански часовник“, балетот „Дафнис и Клое“. Умрел во Париз, на 28 декември 1937 година. 1918.- Болшевичката партија го променила називот во Руска комунистичка партија. 1926.- Воспоставен бил првиот телефонски разговор преку Атлантикот, меѓу Лондон и Њујорк. 1931.- На 7 и 8 март Македонија ја погодиле два силни земјотреса кои, покрај човечки жртви, предизвикале и огромна материјална штета. Епицентарот на овие земјотреси бил меѓу Валандово, Удово и Струмица. 1932.- Умрел францускиот државник Арстид Бријан, кој бил 11 пати претседател на влада и добитник на Нобеловата награда за мир во 1926 година. Во Првата светска војна се залагал за формирање на Солунскиот фронт, а по војната за создавање Обединети Држави на Европа и Друштво на народите. 1935.- Со враќањето на Сарската област во рамките на Германија почнала големата територијална експанзија на Третиот рајх, која завршила во 1945 година со пораз на Германија во Втората светска војна. 1951.- Иранскиот шеф на владата Алија Размар во една техеранска џамија убил исламски фанатик. 1962.- Во САД било лансирано првото автоматско меѓупланетарно летало „ОСО 1“ (орбитална сончева опсерваторија). 1983.- Во Њу Делхи почнал Седмиот самит на неврзаните земји, на кој за нови членки на Движењето биле примени Барбадос, Бахами, Колумбија и Вануту. 1989.- Иран ги прекинал дипломатските односи со Велика Британија поради објавувањето на книгата „Сатански стихови“ на британскиот писател со индиско потекло Саламан Ружди. 1991.- Силите лојални на ирачкиот претседател Садам Хусеин, според западни извори, во Басра и други градови во јужниот дел на Ирак убиле најмалку 400 учесници во бунтот против централната власт. 1995.- Германските воени ветерани и нивните победоносни американски воени непријатели, во Ремаген заеднички го одбележале полувековниот јубилеј од поразот на германската војска на Рајна, кој го забрзал поразот на Германија во Втората светска војна. 1996.- Тројца припадници на американските вооружени сили биле осудени на казна затвор од 6,5  до седум години, поради тоа што во 1995 година силувале едно 12-годишно девојче на Окинава, што предизвикало бран на огорчени протести и барања американската војска да го напушти овој јапонски архипелаг. 1998.- Италијанскиот воен суд го осудил поранешниот германски СС-капетан Ерих Прибке на доживотен затвор, прогласувајќи го за најголем злосторник во текот на Втората светска војна во Италија, извршувајќи масакар во Адреатинските пештери во близина на Рим. 1999.- Умрел американскиот филмски режисер Стенли Кјубрик. Негови најпознати филмови се „2001: Одисеја во космосот“, „Пеколен портокал“, „Спартак“, „Убивање“, „Лолита“ и „Широко затворени очи“. 2007.- Авионот „Боинг 737-400“ на индонезиската национална авиокомпанија Гаруда, со 140 патници и членови на екипажот, изгорел по неуспешното слетување на аеродромот во Џакарта, Индонезија, на островот Јава. Потврдена била смртта на 48 патници и на едно лице кое подоцна починало во болница. 2019.- На 75 години почина Ѓорѓи Петачки, еден од првите археолози од Народниот музеј во Велес и долгогодишен истражувач на археолошкиот локалитет Стоби. Петачки работел на југословенско американските истражувања во Стоби од 1973 до 1981 година. До 1993 година вршел заштитно археолошки истражувања на повеќе познати објекти како Епископската базилика и други во Стоби заедно со проф. д-р Блага Алексова, на која и бил најдобар соработник. Во Велес и велешко започнал со истражување на повеќе археолошки локалитети за кои само се знаело, а немало никакви археолошки истражувања. Тој својата работа ја насочил на повеќе значајни археолошки локалитети во општина Чашка,  каде пронашол значајни археолошки откритија, кои се наоѓаат во Народниот музеј на Велес и Националниот музеј во Скопје. Петачки е значаен и по тоа што е еден од првите археолози кој го истражувал локалитетот Кале Велес. Ѓорѓи Петачки е роден  во 1943 година во село Робово, Берово. Дипломирал во 1970 година на Филозофскиот факултет група археологија во Белград. Во Народниот музеј во Велес работи од 1973 година, а во 1995 се здобива со звање виш кустос. Се пензионира во 2007 година како виш кустос археолог во Народниот музеј во Велес, бил раководител на повеќе ископувања и член на екипа или раководител на сектор. Со истражувачка дејност се занимавал до 2009 година. Тој има публикувано повеќе научно истражувачки публикации од неговата работа. ###

Остани поврзан