• среда, 18 декември 2024
На денешен ден
11 април 2020 (МИА) 1514.- Умрел италијанскиот архитект Донато Браманте. Проектирал многу згради и ја реконструирал црквата „Свети Петар“ во Ватикан. 1689.- Англискиот кралски пар Вилијам Трети Орански и Мери Втора бил крунисан, по соборувањето од престолот на последниот крал од династијата Стјуарт, Џејмс Втори, во „Славната револуција“ во 1688 година. Мери Втора била ќерка на Џејмс Втори, која ја отфрлил непопуларната таткова римокатоличка политика и силно ја поддржал Англиканската црква. Во текот на нивното владеење во Англија бил зацврстен парламентаризмот. 1755.- Роден е англискиот хирург и палеонтолог Џејмс Паркинсон, кој ја открил и опишал нервната болест на екстрапирамидалниот систем наречена според него - Паркинсонова болест. Прв го опишал apendicitis (воспалението на слепото црево) и објави повеќе дела. 1814.- По поразот во Русија, по загубената битка кај Лајпциг и по падот на Париз, францускиот цар Наполеон Бонапарта бил принуден да абдицира. Сојузничката коалиција му го доделила островот Елба, како имот, од каде што идната година се обидел повторно да ја освои власта. Со поразот кај Ватерло, конечно била запечатена неговата судбина. 1854.- Умре Карл Фон Базедов, познат германски лекар и научник, кој прв ја прикажал и детално ја опишал болеста која настанува поради нарушувањето на работата на штитната жлезда. Роден бил во 1788 година. 1941. - Германските трупи ги зазеле Дебар, Охрид и Струга и се споиле со италијанските единици. 1943.- На пат за Солун, надвор од селото Имера, Кожанско, Егејска Македонија, загинал Лазо Трповски, еден од најистакнатите револуционери и организатори на борбата на македонскиот народ за национална слобода и социјална правда меѓу двете светски војни и за времето на фашистичката окупација. Роден бил во селото Д'мбени, Костурско, Егејска Македонија во 1901 година. 1945.- Американските војници во Втората светска војна го ослободиле нацистичкиот концентрационен логор Бухенвалд. 1961.- Пред Судот во Ерусалим почнало судењето на австрискиот нацист Адолф Ајхман, шеф на Одделението во Гестапо за уништување на Евреите и за германските логори во Втората светска војна. 1977.- Умрел францускиот писател Жак Анри Мари Превер. Неговата поезија ја карактеризира револт, младешки цинизам и исмејување авторитети. Напишал повеќе сценарија во француската кинематографија. Негови најпознати дела се збирките песни „Големиот пролетен бал“, „Дождот и убавото време“, „Зборови“ и други. 1985.- Во Тирана умре Енвер Хоџа, албански политичар и државник, од 1948 година бил прв секретар на ЦК на Албанската партија на трудот. Роден бил во Ѓирокастро, на 16 октомври 1908 година. 1992.- Во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија бил регистриран Македонскиот олимписки комитет (МОК). 1994.- Во Скопје била промовирана првата еколошка публикација од популарен вид во Македонија, „Екологија“. Главен уредник беше Свето Стефановски. 1995.- Во Скопје било формирано Здружението за примена на македонскиот литературен јазик во службената и јавната комуникација. 2005.- Умрел американскиот микробиолог Морис Хилеман. Во текот на повеќедецениската работа, Хилеман дал придонес во борбата против болестите, како што се сипаници, менингитис, воспаление на белите дробови и хепатитис. 2007.- Умрел американскиот писател Курт Вонегат. Се прославил со романот „Кланицата Пет“, а пишувал театарски пиеси, есеи и новели. Неговите романи во 60 и 70-тите години на 20 век биле некој вид патоказ на американската контракултура. 2012.- Творецот на некогаш популарниот компјутер „Комодоре 64“, Џек Трамиел умрел во Њујорк на 83-годишна возраст. Трамиел, чие вистинско име е Идек Трамиелски, бил роден во 1928 година во полскиот град Лоѓ. Откако го преживеал нацистичкиот логор „Аушвиц“, во 1947 година емигрирал во САД. Во 1954 година ја формира компанијата „Комодоре Интернешанл“, која во 1982 година го лансирала еден од првите персонални компјутери во светот „Комодоре 64“. Овој култен компјутер имал примарна меморија од 64 килобајти, читач на дискети, осумбитен микропроцесор и конектор за кетриџ, а можел и директно да се приклучи на телевизор. Напишани се околу 10.000 програми за „Комодоре 64“ во кои влегуваат и развојни апликации, канцелариски алатки и игри. Во периодот на неговото производство од 1982 до 1993 година ширум светот биле продадени над 22 милиони примероци, со што „Комдоре 64“ бил вклучен во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван компјутер на сите времиња. ###

Остани поврзан