• недела, 22 декември 2024

На ГП Богородица запленети 11.800 долари, сопружници се обиделе нелегално да ги изнесат од државава

На ГП Богородица запленети 11.800 долари, сопружници се обиделе нелегално да ги изнесат од државава

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Царински инспектори од мобилен тим на Секторот за контрола и истраги спречија обид на двајца сопружници нелегално да изнесат од државата девизи во вредност од 16 илјади долари, информираат од Царинската управа.

-Сопружниците, инаку македонски државјани, на излез од државата на граничен премин Богородица на прашање од страна на мобилни инспектори дали имаат нешто да пријават одговориле дека немаат ништо, се наведува во соопштението.

Од Царинската управа посочуваат дека при извршена детална контрола на возилото во предната касета биле пронајдени 16 илјади долари. Согласно Законот за девизно работење на двете лица им се вратени по 2.100 долари, а останатите 11.800 се привремено одземени.

По земање на изјави од патниците, против возачот е поднесена пријава за девизен прекршок.

-Ги известуваме граѓаните дека при излез од државата можат да носат ефективни странски пари во износ од 2 илјади евра по лице. Доколку изнесуваат девизи во износ од над 2 илјади евра, должни се да ги пријават на царинскиот орган со презентирање на потврда од овластена банка или менувачница. Девизи во вредност од над 10 илјади евра не е дозволено да се изнесуваат, се наведува во соопштението.  дма/сст/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан