• петок, 22 ноември 2024

На втората слава на манастирот во Рајчица ќе присуствува и г. Кирил од Вселенската патријаршија

На втората слава на манастирот во Рајчица ќе присуствува и г. Кирил од Вселенската патријаршија

Дебар, 26 септември 2023 (МИА) – Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, ја одбележува втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен крст Господов – Крстовден.

Одбележувањето почнува вечерва со свечена и празнична вечерна богослужба, која почнува во 18 часот на која ќе претстои Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, во молитвено присуство на Неговото преосвештенство епископ Дремвицки г. Давид и на старецот на Обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

- Многупочитуваниот Митрополит на Имврос и Тенедос, г. Кирил, кој доаѓа од редовите на Вселенската патријаршија, повторно ни доаѓа како наш драг гостин, овој пат на манастирската слава во чест на празникот Крстовден. Особена чест ни предизвикува тоа што тој ни го носи штедриот благослов од Првопрестолната Црква во православието, возглавена од Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, кој ја врати нашата Помесна Црква во канонско единство со одлуката од 9 мај 2022 година. Оваа година, пак, и епископот Дремвицки г. Давид е присутен овде со нас, што исто така ја дополнува нашата радост, изјави сестра Ефимија за МИА.

На крајот од вечерната богослужба, проследен од стиховите на празничниот Тропар, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот.

- Утре во 7:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од утрената од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се вметнува крстот од времето на игуменот Арсениј со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир, додава сестрата.

По чинот на Воздвижението на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос.

Во 8:45 часот пречек на г. Кирил и г. Давид а во 9 часот ќе започне Светата Архиерејска златоустова Литургија.

- Дојдете сите заедно победнички да го издигнеме чесниот крст на нашиот спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови тајни, порачува сестра Ефимија.

Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар. вт/ир

Фото: МИА

Остани поврзан