Битиќи: На владина седница ќе се разгледа предлогот за повлекување на предлог-законот за когенеративната централа
- На седница на Влада ќе се разгледува предлогот за повлекување на предлог-законите за когенеративна централа во Железара која што треба да ја гради грчки Митилинеос, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција на Влада.
Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) – На седница на Влада ќе се разгледува предлогот за повлекување на предлог-законите за когенеративна централа во Железара која што треба да ја гради грчки „Митилинеос“, рече вицепремиерот за економски прашања во техничката Влада, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција.
– Има таков предлог на седница на Влада, ќе видиме кои се аргументите. Предлогот на компанијата „Митиленеос“ е преговарана две и пол години и ако сакате ќе ги добиете записниците од комисиите за стратешки инвестиции, десет на број, во кои што сите институции се вклучени во преговорите, затоа ќе се разговара на седница на Влада. Дали има потреба од повлекување, ќе видиме на седница на Влада. Тогаш ќе можам да одговорам, рече Битиќи.
На новинарско прашање во врска со тоа дали смета дека треба да продолжат собраниските процедури околу Предлог-законот, со оглед на реакциите во јавноста, Битиќи рече дека „ако реакција на еден потпишан уметник и бивш дипломат е реакција на експертската фела, тогаш на тој начин треба да се разговара за секое едно прашање во нашето општество“.
– Јас навистина ги ценам експертите, но ценам вистински експерти кои својата експертиза, и знаење ги ставаат во насока на помош на нашата држава и унапредување на политиката, рече Битиќи.
Вели аргументите ќе се стават на маса и предлогот на министерот за економија ќе се разговара, бидејќи како што рече, тоа е начинот на кој што се носат одлуките на Влада.
Во врска со барањето на Комисијата за заштита на конкурентноста за дополнително објаснување околу државната помош, Битиќи рече дека Комисијата има две забелешки.
– Едната е во однос на членот 11 во договорот и тој сметам дека соодветно ќе биде сменет, бидејќи не се доделува државна помош. Државна помош се доделува со договор за државна помош за којшто има соодветна процедура и тој договор никогаш не е во законска одредба, којашто кажува дека договор за државна помош треба да оди во Собрание. Во моментот кога договорот за државна помош ќе биде актуелен, ќе влезе во сооветна процедура кај Комисијата за заштита на конкурентност за да даде мислење и решение. Доколку Комисијата не даде мислење, ниту решение по однос на државна помош, тој соодветно ќе се поправи. Ништо не е надвор од законот, изјави Битиќи. ра/бак/
Фото: Влада на Република Северна Македонија/Принтскрин