• сабота, 21 декември 2024

Најновите случувања по нападот на Русија врз Украина

Најновите случувања по нападот на Русија врз Украина
Киев, 26 февруари 2022 (МИА) -  Ова се најновите случувања по нападот на Русија врз Украина: Русија им нареди на своите војници да напредуваат „од сите правци“ додека гранатира  украинската војска со крстосувачки ракети. Пентагон вели дека половина од руската инвазивна сила е веќе во Украина, но е фрустрирана од неочекуваниот цврст украински отпор, при што претседателот Володимир Зеленски тврди дека неговите војници го „исфрлиле од колосек“ рускиот план. Украинските војници го спречија рускиот напад врз главниот град Киев само неколку часа откако Зеленски предупреди дека Москва ќе се обиде да го заземе градот пред зори. Грција ја повика Русија да престане со бомбардирањето на украинските села, откако ја обвини Москва за „убиството“ на најмалку 10 етнички грчки цивили во воздушните напади во близина на јужниот град Мариупол. Украинскиот министер за здравство соопшти дека 198 цивили, меѓу кои три деца, се убиени, а 1.115 се ранети од руската инвазија. Зеленски објавува видео снимено од центарот на Киев, нагласувајќи: „Јас сум овде... ова е нашата земја, нашата земја, нашите деца и ние ќе го заштитиме сето ова“. Полска вели дека 100.000 бегалци ја преминале нејзината граница од Украина откако Русија ја нападна, а ОН проценуваат дека сличен број се внатрешно раселени. Околу 50.000, исто така, влегоа во Унгарија и Романија, а илјадници други преминаа во Молдавија. САД соопштија дека и даваат на Украина дополнителна воена помош од 350 милиони долари за борба против руската инвазија. Германија испраќа 1.000 противтенковски оружја и 500 ракети земја-воздух „Стингер“ за помош на Украина. Франција, исто така,  воена опрема и гориво таму, а Прага снабдува мало оружје и муниција. Двајца дански новинари се ранети кога нивниот автомобил било пукано во близина на североисточниот град Охтирка, на околу 50 километри од руската граница. Германија вели дека работи на исклучување на Русија од меѓубанкарскиот систем SWIFT, откако беше подложена на жестоки критики од Полска за отпорот на напорите на ЕУ да воведе санкција што ќе ја осакати трговијата на Москва со поголемиот дел од светот. Русија им наредува на своите медиуми да ги отстранат извештаите кои го опишуваат нејзиниот напад врз Украина како „напад, инвазија или објавување војна“ или ќе се соочат со блокирање и парична казна. НАТО за првпат ги распоредува своите сили за брз одговор од 40.000 војници за да ја зајакне одбраната на своето источно крило. Не се дадени детали каде се испраќаат силите. Про-украинските протести избувнаа низ целиот свет кога илјадници луѓе излегоа на улиците од Лондон до Атина и од Аргентина до Канада за да го осудат рускиот напад врз нејзиниот сосед. Во меѓувреме, повеќе од 3.000 Руси се уапсени од четвртокот поради протести против инвазијата. Рускиот олигарх Роман Абрамович го предаде клубот Челзи - англиски премиерлигаш на добротворните фондации на клубот додека фудбалски фанови ширум Европа и се обраќаат на Русија со транспаренти како „Стоп, Путин!“ и гестови на солидарност со Украина. Украинската тениска ѕвезда Сергиј Стаховски вели дека им се придружил на воените резервисти на неговата земја за да се бори против руската инвазија. Холандскиот авиопревозник KLM ги откажа сите свои летови до или патувања низ Русија во следните седум дена, откако Европската унија воведе санкции кон Москва. зш/

Остани поврзан