• вторник, 17 март 2026

Најмалку десет загинати, меѓу кои и деца, во артилериски напад во Северен Јемен

Најмалку десет загинати, меѓу кои и деца, во артилериски напад во Северен Јемен

Аден, 16 март 2026 (МИА) - Најмалку 10 лица загинаа, меѓу кои шест деца, а над 30 се ранети при артилериска стрелба врз село во северниот дел на Јемен,информираат официјални претставници. Јеменската Влада упати директно обвинување до бунтовниците Хути, поддржани од Иран, за извршување на овој напад.

Според Министерството за информации, цел на нападот била група граѓани собрани на ифтар – вечерата со која се прекинува постот за време на светиот месец Рамазан. Инцидентот се случил во провинцијата Хаџа, која е под поделена контрола меѓу бунтовниците и меѓународно признатата влада со седиште во Аден.

Претставници на Хутите засега одбиваат да го коментираат случајот, а околностите на нападот остануваат нејасни.

Судирите во Хаџа се дел од долготрајната граѓанска војна што започна во 2014 година, кога Хутите ја презедоа престолнината Сана. Поради конфликтот и воената интервенција на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, земјата се соочува со тешка хуманитарна криза. Светската програма за храна на ОН (СПП) предупредува дека економијата е пред колапс, а гладот е секојдневие во северните делови на земјата.

Локалните власти стравуваат дека бројот на жртвите ќе расте, со оглед на тоа што повеќе лица се наоѓаат во критична состојба. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан