• сабота, 06 декември 2025

Најдобрите ученици од Крива Паланка беа градоначалници на еден ден

Најдобрите ученици од Крива Паланка беа градоначалници на еден ден

Крива Паланка, 27 јуни 2025 (МИА) – Работата на локалната самоуправа и наделжностите на градоначалникот денес за момент беа предадени, симболично, во рацете на првенците на генерација од основните и средното училиште во Крива Паланка, во рамки на активноста на градоначалникот Сашко Митовски, „Градоначалник на еден ден“. 

На покана на градоначалникот, прогласените ученици на генерација за учебната 2024/25 година, матурантката Ева Симонова, ученичка од СОУ „Ѓорче Петров“, Горјан Николовски, ученик на генерација од ООУ „Јоаким Крчовски“ и Марија Ивановска, првенец на генерација од ООУ „Илинден“, беа гости на општината и симулираа градоначалничка улога на еден ден.

Најпрвин ги посетија одделенијата за финансии, правното одделение и одделение за урбанизам, соорбаќај и заштита на животната средина кадешто се запознаа со правилата на финансиско работење, буџетската работа, работата на донесување и спорведување акти и програми на локално ниво, се до нивна реализација, а секако и слушнаа за концептот на урбанистичко планирање и развој на самата општина.

Подоцна, во кабинетот на градоначалникот Митовски, покрај тоа што за момент седнаа на градоначалничката фотеља, имаа прилика да го прашаат градоначалникот сè што ги интересира за работењето, одговорностите на градоначалникот, теми што ги засегаат нив младите конкретно, а се во делокругот на работа на локалната самоуправа.

-Поинакво и несекојдневно искуство беше да прошетам низ општината и општинските сектори како и да имам прилика да се запознаам со работата на одделенијата, секторите за финансии, право и урбанизам, нивната меѓусебна координација и вработените кои детално ни ги посочија нивните работни активности што овозможуваат одлично функционирање на општината. Имав прилика да седам на градоначалничкото столче и да ги разгледам  општинските проекти, идни планови и идеи на општината како и начинот на кој функционира,  проследени со проблемите со кои се соочува. Среќна и задоволна сум што бев дел од овој настан и посакувам секој средношколец во иднина да добие можност да прошета низ општината и да се запознае со нејзините активности, функции и големата улога која истата ја поседува за успешно секојдневие на секој еден од нас, рече Ева Симонова, упатувајќи благодарност до градоначалникот и до Општина Крива Паланка што имаше прилика да учествува во иницијативата. ид/аа/
Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан