• петок, 19 јули 2024

Јубилеен државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта

Јубилеен државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта

Скопје, 6 мај 2023 (МИА) - Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, денеска ќе се одржи јубилејниот 50. државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта.

Учениците ќе се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија латински и старогрчки јазик и почетно ниво здравствена струка латински јазик.

За време на натпреварите, учесниците ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Филозофскиот факултет и да го посетат Археолошкиот музеј при Филозофскиот факултет.

За време на натпреварите, здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во земјава и популаризација на класичната филологија. Од 2004 година, здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), а од 2014 година член и на меѓународната федерација на здруженија на класични филолози FIEC (The International Federation of the Societies of Classical Studies). цр/бак/

Фото:МИА

Остани поврзан