Промоција на книгата „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска
- Книгоиздавателствто „Матица македонска“ денеска ќе ја промовира книгата „Час по незадолжителна лектира“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска.
Скопје, 10 јуни 2025 (МИА) - Книгоиздавателствто „Матица македонска“ денеска ќе ја промовира книгата „Час по незадолжителна лектира“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска.
Како што сопшти „Матица македонска“, станува збор за прва книга за македонскиот роман во 21 век и за издание со иновативна структура што е прво од ваков формат објавено кај нас.
-Претходно, во одделна монографска публикација претставени беа критичките согледби за македонскиот роман само до 2000 година, со книга на Христо Георгиевски, додека Мојсова-Чепишевска целосно се осврнува на романи создани во периодот потоа, доминантно во периодот од 2020 до 2023 година, со што оваа книга веќе има и книжевноисториско значење, се наведува во соопштението.
Издавачката куќа наведува дека „Час по незадолжителна лектира“ не претставува класичен критички преглед, „туку е книга што е вредносна вертикала на македонскиот роман во втората и третата деценија на 21 век“.
-Покрај тоа што се микроисчитани клучни романи објавени во овој период, остварена е критичка опсервација и воопшто на творештвото на македонските романсиери со активен опус што е од есенцијално значење за македонската книжевна продукција последните години. Критички се опфатени романи на: Оливера Николова, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Венко Андоновски, Томислав Османли, Лидија Димковска, Калина Малеска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски и Дијана Петрова, а во дел од книгата, Мојсова-Чепишевска се осврнува и на дело од Влада Урошевиќ, соопшти „Матица македонска“. хс/ев/
Фото (корица на изданието): „Матица македонска“