• понеделник, 23 декември 2024

Промоции на романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически во Тетово и Скопје

Промоции на романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически во Тетово и Скопје

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) -  Романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически, издание на ПНВ Публикации од Скопје, ќе биде промовиран денеска во Тетово и утре во Скопје. 

Првата промоција на романот ќе се одржи вечер од 19:30 часот во родниот град на авторот ‒ Тетово, во Музејот на тетовскиот крај (поранешен Дом на АРМ),  каде што книгата ќе ја промовира Перица Сарџоски.

Промоцијата во Скопје, пак, ќе биде  утревечер од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“, а промотор ќе биде Дарко Лешоски. Настаните ќе ги модерира Јулијана Величковска. 

Според рецензентот Иван Шопов, авторот  Радически „на забавен начин раскажува за предизвиците на поединецот кој е изместен од својот досегашен животен контекст и простор“.

-Среде хаосот на големиот град, еден сосема обичен човек се обидува да „плива“ и, од малите, искршени фрагменти на стварноста, да го обликува и преосмисли својот идентитет. Неговата емигрантска приказна не е натопена во блуз и патетика. Низ дисторзија од јазични игри и свесно кршење на стандардот, пред читателот, калеидоскопски, со голема брзина, се прикажуваат цела низа бизарни, необични случки, ексцентрични ликови, а атмосферата понекогаш е фантазмагорична и на граница на реалното. Во својот „расказнет роман“, иако дебитантски, авторот умешно се справува со предизвиците што ги носи пишувањето на оваа форма и вешто ги користи можностите на жанрот, наведува Шопов. 

Зоран Радически е книжевен преведувач, поет, лингвист и полиглот. Роден е во 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за превод и толкување и на Катедрата за јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

-Главно, преведува поезија и кратка проза од: германски, англиски, африкаанс, холандски; а во зависност од потребите, исто така и од: шпански, француски, италијански, руски и други јужнословенски јазици на македонски јазик и обратно. Има преведено повеќе збирки и песни од различни домашни и странски поети. Зоран пишува хаику, класична поезија и проза. Учествувал како поет на повеќе книжевни фестивали и застапен е во неколку антологии. Досега има објавено една хаику збирка на македонски јазик „Сенките во сонот“. Бил ангажиран како преведувач и толкувач на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и во рамките на платформата за млади европски поети „Версополис“, соопшти издавачката куќа. хс/са/

Фото: ПНВ Публикации 

Остани поврзан