• вторник, 05 ноември 2024

Прв меѓународно акредитиран имплантолошки Конгрес во Скопје

Прв меѓународно акредитиран имплантолошки Конгрес во Скопје

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Во Скопје од денеска до 20 април, ќе се одржи првиот меѓународно акредитиран имплантолошки конгрес. На конгресот, како што најавија организаторите, ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од Европа, Америка, Азија и Африка.

- Првпат учесниците на конгресот ќе добијат CME европски кредит поени и меѓународно акредитиран сертификат. Претендираме Македонија да биде во тек со глобалните случувања во сферата на имплантологијата и да остане на мапата како релевантна имплантолошка дестинација, вели организаторот Татјана Велиновска Димовска.

Дигитализација во стоматологијата, нови трендови во имплантологијата и примена на комплексни хируршки техники, се само дел од темите кои ќе ги покрие овој Конгрес. Како предавачи се јавуваат професори имплантолози од Германија, Италија, Романија, Египет, Јордан и САД, а од македонските орални и максилофацијални хирурзи: д-р. Митко Франгов, д-р. Златко Вршковски, д-р. Недим Касами, д-р. Петар Вршковски како и д-р. Диана Бојковска, која ќе биде директно вклучена во презентирањето на напредната хируршка техника заедно со проф. д-р МазенТамими од САД.

Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање на напредна хирушка техника во делот на имплантологијата. Токму поради важноста на едукативната компонента која ќе ја има овој Конгрес, се посочува во соопштението, организаторите Schuetz Dental GmbH од Германија, Велидент Трејд и IMPLA Study Club од Македонија ќе отстапат едно место за стоматолог специјализант кој ќе се пријави на отворениот повик најдоцна до 10 април. Пријавувањето, подвлекуваат, е едноставно со испраќање на име и презиме, а извлекувањето ќе биде по случаен избор. цр/лв/

Фото: организатори на меѓународно акредитиран имплантолошки Конгрес во Скопје 

 

 

Остани поврзан