„Пингвинот“ - интерактивна монодрама за менталното здравје вечер на „Скопско лето“
- Во „Котур кафе и филм“ вечер од 20 часот во рамки на фестивалот „Скопско лето“ ќе биде изведена интерактивната експериментална монодрама „Пингвинот“ во продукција на театарот „Златен Елец“.
Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Во „Котур кафе и филм“ вечер од 20 часот во рамки на фестивалот „Скопско лето“ ќе биде изведена интерактивната експериментална монодрама „Пингвинот“ во продукција на театарот „Златен Елец“.
Како што соопшти Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, се работи за авторски проект на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ, работен според текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог.
-Со поврзување на сите овие материјали се фокусираме на теми околу менталното здравје, поточно депресијата и самоубиството и симболично ги поврзуваме сите овие интензивни чувства и со животинскиот свет и пингвините кои се едни од ретките животни коишто покажуваат знаци на депресија и суицид. Иако сè уште не постои точен научен факт зошто пингвините во одреден момент се одлучуваат за таква постапка, не можеме да не чувствуваме поврзаност со овие животни кои можеби чувствуваат исто како нас. Претставата преку позитивни и комични моменти ја истражува комплексноста на тагата, генерациските трауми и растењето со депресивен родител, соопшти ДирекцијаТА за култура и уметност - Скопје.
Режисер на монодрамата е Тамара Стојаноска, а настапува Лео Поповиќ. Двајцата автори на проектот ја избраЛе музиката за претставата.
Идејата е „Пингвинот“ ќе се надградува и со секоја нова изведба и интеракција со публиката, наведува организаторот, „да отвора врата за дискусија и рушење на предрасудите за комплексноста на менталното здравје“. хс/нд/
Фото: Дирекција за култура и уметност - Скопје