• понеделник, 23 декември 2024

Изложување на дела од уметничката колонија „Арт поинт - Гумно“

Изложување на дела од уметничката колонија „Арт поинт - Гумно“

Скопје, 29 јуни 2024 (МИА) - Во Слоештица денеска од 18 до 21 часот, ќе бидат изложени делата создадени за време на годинешната уметничка работилница „Арт поинт - Гумно“. „Слоештица – име за цел еден свет“ е темата која беше инспирација за уметниците кои гостуваа на колонијата.

Од 15 до 30 јуни, десет уметници од земјава, Грција, Чешка и Србија создаваат скулптури, слики, фотографии и видеа што ја отсликуваат надреалната реалност од горно демирхисарските простори, непресушната инспирација и на Петре М. Андреевски. Преку темата на оваа колонија, всушност и „Арт поинт - Гумно“ ја чествува 90 годишнината од раѓањето на Великанот.

Mакедонскиот уметник Никола Пијанманов, кој создаде скулптура инспирирана од култната поетска збирка „Дениција“, изјави дека нејзино остварување размислувам со години, а самата скулптура по себе е контраст - нежност, поезија, лирика и структура од најсуровиот материјал, железо.

-  На подлогата е изгравиран стихот: „За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини“. Таа е девојка, муза која како и митолошкиот лик Дафне, се преобразува во дрво, токму во мигот кога требало целосно да му се предаде на поетот, на оној кој ја љуби. Музата доживува целосна метаморфоза. Телото станува стебло на топола, а во рацете-гранки носи еден лист, како акцент на вертикалната композиција на постоењето. Дениција е возвишено/трагична љубов која се трансформира во надземна состојба, како симфонија на сакањето, творењето, себежртвувањето, смислата на љубовта и смртта, изјави Пијанманов.

Освен Пијанманов, годинава, на креативното гумно твореа и македонскиот скулптор и копаничар Драган Докоски, професорот на ликовната академија во Ниш, Србија – Мирослав Живковиќ; Харис Савидес, архитект и фотограф и сликарката Снежана Восу од Грција, како и чешката фотографка Јана Хунтерова. Гости на колонијата беа и поетот, музичар и сликар Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на ФЛУ во Скопје. Годинава, на уметничката екипа им се придружија и домаќините, Воскресија и Сергеј Андреевски.

Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура. бт/аа/

Фото: „Арт поинт - Гумно“

 

Остани поврзан