• вторник, 26 ноември 2024

Изложба „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“ во Даут пашин амам

Изложба „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“ во Даут пашин амам

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Во Даут пашин амам, објект на Националната галерија вечер ќе биде отворена изложбата „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“.

-Одбележувајќи го 90 годишниот јубилеј од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989), еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност, нашата цел е интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи кои ги сумираме на едно место, односно негово критичко и научно валоризирање како автор кој оставил свој специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Ристо Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и преку долгогодишната педагошка дејност, се наведува во соопштението од Националната галерија.

За прв пат неговите дела биле изложени пред јавноста по дипломирањето во 1957 година, на една групна изложба во Прилеп. Критичката јавност овие дела ги дефинира како плод на синтетичкиот кубизам, во кои е евидентна „карактеристична скратена пиктурална еволуција“. Усогласените строги односи ги нагласуваат геометризирани линии кои ги обликуваат формите и плановите на предметите, елиминирајќи ја играта светло-сенка и валерските решенија.

Првата самостојна изложба 1961 година (заедно со Драгутин Аврамовски Гуте) го дефинира веќе неспорно како автор чие творештво му припаѓа на апстрактно сликарство. Карактеристичниот пиктурален третман во обликувањето на уметниковата визија за некои појави од реалноста врз платното, укажуваат на неговото доближување до смирена лирска апстракција (периодот 1961-1962 година). 

Во периодот 1963-1968 година Калчевски создава творештво кое според своите карактеристики му припаѓа на тн. апстрактен пејсажизам и/или апстрактен натурализам. Делата настанати во овој период ја задржуваат „основната внатрешна движечка потенција“, обликувајќи притоа своевидна имагинарна геологија, карактеристичен имагинарен простор како асоцијација на природата. Основен белег на оваа творечка фаза е проширување на сликарскиот медиум со внесување на несликарски материјали.

Периодот на 70-те години (1972-1980) го дефинираат две можности во пристапот кон разрешување на апстракното во уметничкото дело на Калчевски. Едниот е врзан со постапно укинување на предметното во сликата и негово сведување на „чист однос на боја и облик“, што се доведува во релација со апстрактниот натурализам. Додека, пак, втората солуција е да се афирмира чисто пластичен концепт од самиот почеток, кое пак може да се доведе во врска со „своевиден концептуализам во апстрактното“...

Последните негови остварувања, пред крајот на неговиот живот, од крајот на 80те години, само навидум отскокнуваат во однос на неговите претходни ликовни размислувања. За нив е карактеристичен педантен рафинман, грижливо нијансирање на тоновите кои се поставени дводимензионално, преку збрчакни и наслоени парцели, во кои авторот истовремено воведува и разновидни цртачки или колажни интевенции. Тие се надоврзуваат на почетоците во неговото творештво, реинкарнирајќи ги првите лирски моменти во неговите последни остварувања.

Неговите слики се апстрактни, но без видлива агресивност. Тие содржат извесна нежност, како резултат на нијансирањето на монохормните површини. Воочливо е дека кај Калчевски сликата е резултат на „умерена автоматска постапка и аналитички аспект“. Ваквиот став е резултат на пристапот кон сликата како аналитички процес кој опфаќа расчленување на исти или различни сликовни полиња и нивно поврзување во целина. Следејќи го распонот на ликовната мисла на Ристо Калчевски, можеме да заклучиме дека неговото творештво има сопствен специфичен контекст во развојот на македонската ликовна мисла, контекст кој и денес се уште предизвикува нови севкупно и одделно, продлабочени слоеви на исчитување.

Куратори на изложбата се Маја Неделкоска – Брзанова, кустос советник и Маја Чанкуловска – Михајловска, виш кустос.

Изложбата ќе трае до 29 февруари 2024 година. дма/ев/

Фото: Националната галерија

Остани поврзан