• вторник, 13 јануари 2026

Изложба „Урбани пејзажи“ на Рафаел Ристовски во Францускиот институт во Скопје

Изложба „Урбани пејзажи“ на Рафаел Ристовски во Францускиот институт во Скопје

Скопје, 17 декември 2025 (МИА) - Во Францускиот институт во Скопје, вечер со почеток во 18:00 часот, ќе биде отворена фото-изложбата „Урбани пејзажи“ на македонскиот уметник Рафаел Ристовски. 

Фотографиите изложени во рамки на „Урбани пејзажи“ се создадени за време на уметничкиот престој на Ристовски во резиденцијата Cité internationale des arts во Париз, каде што секоја година престојуваат повеќе од 300 уметници од целиот свет. Овој престој е дел од соработката помеѓу Министерството за култура на Македонија и Cité des Arts, која овозможува македонски уметници да создаваат и да се поврзуваат со меѓународната уметничка сцена.

Кураторка на изложбата е Мелоди Робин, којашто ги истражува влијанијата на париското искуство врз делата на македонскиот уметник и дијалозите помеѓу локалната и меѓународна естетика.

Модераторка на уметничката средба е Јана Луловска, мултимедијална уметница, која во 2023 година, исто така, беше на уметничка резиденција во Cité internationale des arts во Париз.

Во своето творештво, Рафаел Ристовски ја користи фотографијата како примарен медиум, надминувајќи ја нејзината документарна улога. Преку дигитално уредување, урбаните пејзажи се трансформираат во симболични и метафорични светови, со фокус на таканаречената „урбана природа“ – улиците, архитектурата и деталите кои често остануваат незабележани.

Престојот во Париз внесе нова енергија во неговото творештво, инспирирано од контрастите на градот, спојот на старата и современата архитектура, како и од секојдневните, наизглед обични моменти кои добиваат ново значење преку уметничката интерпретација. дма/са/

Фото: Плакат

Остани поврзан