• понеделник, 23 декември 2024

Изложба „Од поинаков дискурс“ во Мала станица

Изложба „Од поинаков дискурс“ во Мала станица

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - „Од поинаков дискурс“ е изложба која вечер ќе биде отворена во просториите на Мала станица во Скопје. Станува збор за второ издание на „Фауната во колекцијата на Националната галерија“ - концепт кој го осмисли проф. Д-р Иван Џепароски, а е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.

Како што информираат од Националната галерија, ова е продолжение на првичната идеја за вклучување на лица, интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија.

На изложбата ќе бидат поставени 80 дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек дела, меѓу кои и Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други.

На отворањето, најавено е обраќање на Иван Џепароски и Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија.

Изложбата ќе биде отворена до средината на јануари. Организатор на изложбата е Ана Франговска.бт/бак/

Фото/ Национална галерија

Остани поврзан