• понеделник, 23 декември 2024

Изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на уметникот Албан Муја во МСУ

Изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на уметникот Албан Муја во МСУ

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје вечерва ќе биде отворена самостојната изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ од Албан Муја. Куратор на поставката е Владимир Јанчевски.

Албан Муја (1980, Република Косово) создава видео инсталации, филмови, цртежи, слики, фотографии и јавни уметнички дела под влијание на тековните процеси на општествена, политичка и економска трансформација во неговото родно Косово и на Балканот. Преку својата пракса ја истражува историјата и општествено-политичките теми, поврзувајќи ги со неговата моментална позиција во Косово.

Изложбата на Муја во МСУ-Скопје прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Замислена како обид за поврзување на комплементарни дела, кои ја прикажуваат и критички ја опсервираат споделената состојба и нашите заедничка засегнатост преку границите, изложбата е фокусирана на секојдневието и на искуството на ситуација на принудна транзиција и продолжена неизвесност.

-Уметничката практика на Албан Муја истражува различни аспекти на структурите, кои ги дефинираат националните, идеолошките, идентитетските и егзистенцијални прашања, кои не се толку очигледни. Неговите дела се повеќе од само едноставно претставување и раскажување, фокусирајќи се, исто така, на улогата што сликите и медиумите ја имаат во конструирањето и обликувањето на доминантиот наратив, односот кон идентитетот и историјата. Некои од проектите на Муја се фокусираат на нетипични згради, како што се скромните семејни куќи, кои неконтролирано се издигнуваат над покривите. Навлегувајќи во анализирање на овој неконвенционален градски пејзаж и урбаната стагнација и контурите кои се развиваат, Муја создава мапа на градот, којашто истовремено сведочи за потфрлањето на системот, како и за индивидуалниот „креативен“ пристап кон проблемот, стои во најавата за изложбата.

Кураторот Јанчевски вели дека Муја го отсликува и коментира современото општество и неговите тешкотии во многу специфичен геополитички контекст.

- Употребувајќи критичка позиција во комбинација со иронија и духовитост, неговите уметнички дела се справуваат со горчината на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем. Имплицирајќи поглед и збир на структурни односи, географски и територијални, уметникот го свртува вниманието кон народите од овој регион - дома, како и во нивните заедници во странство, традиционално вкоренети во градежните работи, феноменот на мигрантскиот труд и проблемот да се биде лишен од социјални алатки, економска и правна сигурност, вели Јанчевски.

Муја има прикажано дела и идеи на различни самостојни и групни изложби, вклучително и филмски фестивали и Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале. На Павилјонот, тој ја претстави триканалната видео-инсталација наречена „Семеен албум“ која навлегува во личните и колективните сеќавања на Косовската војна (1998-1999) и ја доведува во прашање улогата што сликите и медиумите ја играат во конструирањето и обликувањето на наративот, идентитетот и историјата во време на конфликт.

Албан Муја  и е познат на македонската јавност, бидејќи во последната деценија тој учествуваше во неколку значајни изложби, меѓу кои и неговата прва самостојна изложба „Именување“ во 2014 година, курирана од Владимир Јанчевски (SIA - Агенција за сериозни интереси, Скопје), како и меѓународната групна изложба „Сè што ни заедничко“ во 2018 година, курирана од Јованка Попова и Мира Гаќина (МСУ-Скопје).

Изложбата ќе биде отворена до 28 август 2024 година. вг/нд/

Фото: Албан Муја

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан