Биг бендот со концерт посветен на Кире Костов и настап на Дуња Иванова со „Мирисот на липите“ на фестивалот „Крај Вардарот џез“
- На втората вечер од фестивалот „Крај Вардарот џез“, од 20 часот во Филхармонијата ќе настапи пијанистката Дуња Иванова со концерт „Мирисот на липите“ кој ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова.
Скопје, 23 април 2024 (МИА) - На втората вечер од фестивалот „Крај Вардарот џез“, од 20 часот во Филхармонијата ќе настапи пијанистката Дуња Иванова со концерт „Мирисот на липите“ кој ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова.
Ќе биде изведена композицијата „Свита за Скопје“ од композиторката Ана Пандевска и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска.
-Музичко-поетски проект кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“... Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар, соопшти организаторот.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“ излезе албум во живо - концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот сесии во Аудиокултура“, со композиции од Ана Пандевска.
На фестивалот „Крај Вардарот џез“, од 21 часот во Филхармонијата ќе настапи и Биг бендот со концерт на музика од Кире Костов. Ќе бидат изведени избрани дела во современ аранжман од Биг бендот под диригентство на Љупчо Мирковски.
-Концертот е посветен на Кире Костов, еден од стожерите на современата џез композиција. Неговата работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент, информира организаторот на фестивалот.
„Крај Вардарот џез“ ќе заврши на 27 април во едукативно-културниот центар „Лабораториум“ со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со проектот „Поетроника“. хс/са/
Фото: Фестивал „Крај Вардарот џез“