Началникот на ГШ на Војската на Србија за ракетите: Суперсоничните ракети не се купени за Загреб, Сараево или Подгорица, нема причина за нервоза
- Суперсонични ракети не се купени за Загреб, Сараево или Подгорица, туку беа купени за сите оние кои не и мислат добро на Србија и веруваат дека можат да ги наметнат своите национални интереси со оружени средства, изјави синоќа началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, Милан Мојсиловиќ.
Белград, 16 март 2026 (МИА) – Суперсонични ракети не се купени за Загреб, Сараево или Подгорица, туку беа купени за сите оние кои не и мислат добро на Србија и веруваат дека можат да ги наметнат своите национални интереси со оружени средства, изјави синоќа началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, Милан Мојсиловиќ.
Во емисија на телевизијата Пинк, Мојсиловиќ рече дека нема причина за нервоза во регионот, бидејќи Србија е посветена на мирот и регионалната стабилност.
„Опремувањето на нашата армија е фокусирано на капацитети кои мора да имаат и одбранбена и офанзивна компонента“, рече Мојсиловиќ. Според него, денес економијата не може да се гледа одвоено од безбедноста, а ако некој е добар во безбедноста, тој ќе има и добра економија.
Мојсиловиќ рече дека речиси сите соседни земји се во НАТО, дека воената неутралност е скапа и оцени дека секој динар инвестиран во српските вооружени сили значи заштита на државата.
„Мора да имате способност сами да го заштитите небото, да ги одвратите непријателите, да ја браните Србија како што е дефинирано со Уставот … Не можете да немате капацитети, а да бидете воено неутрални“, рече тој.
Ана Брнабиќ, претседателка на Собранието на Србија и функционерка на владејачката Српска напредна партија, беше гостинка во истата емисија.
Таа рече дека е исклучително горда на се што е видено и стекнато за потребите на српската армија.
„Наративот е дека нашите ракети предизвикуваат хаос во регионот, особено од Хрватска. Неприфатливо е што, како што велат, нашите ракети вклучиле црвен аларм … А, црвениот аларм не го вклучи воениот сојуз на Приштина, Загреб, Тирана (…)“, рече Брнабиќ. зш/јт/
Фото: ВС/Сајт