Национален парк Шар Планина ја обвини Општина Тетово дека отстранетиот асфалт од Попова го фрла во природата
- Директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари денеска на прес-конференција ја обвини за негрижа кон природата Општина Тетово, затоа што асфалтот отстранет од улицата во викенд населбата, според него, бил оставен во природата.
Тетово, 17 октомври 2023 (МИА) – Директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари денеска на прес-конференција ја обвини за негрижа кон природата Општина Тетово, затоа што асфалтот отстранет од улицата во викенд населбата, според него, бил оставен во природата.
Тој прикажа видеоснимка на која се гледа како камион истовара градежен материјал, со порака дека секој посетител на скијачкиот центар исто така може да се увери на самото место. На видео материјалот се гледаат и подготвителните работи односно отстранување на асфалтот од викенд населбата.
-Пред една недела сите бевме сведоци на помпезните изјави на градоначалникот колку тој ја сака Попова Шапка и ќе инвестира во неа. За жал, изгледа овие изјави беа само шминка за јавноста бидејќи тој самиот ги погази овие тврдења. Секогаш кога општината не знае како да ја избегне одговорноста за прекршувањата, злоупотребите што ги прави, реакциите ги нарекува партиски напад или притисок. Да, ќе речете капитална инвестиција, се со цел за да се подобри инфраструктурата. Но треба да ја прашаме општината каде и како го смисли депонирањето на овој цврст и штетен отпад? За жал целиот овој материјал, заедно со отпадот што се извлекува од овој пат, завршува со уништување на природата, во име на подобрување на условите во Попова Шапка, истакна Ибрахим Дехари.
Според Дехари, оваа еколошка катастрофа добива поголеми размери ако се земе предвид дека на истата локација минатата година било направено чистење на градежниот шут со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање. Додека секојдневно се прекоруваат жителите да не фрлаат цврст отпад, вели тој, од другата страна самата општина не ги почитува правилата.
-Во име на инвестиции се уништува друго добро, додека не се грижи за подобрување на условите за живот на жителите од овие села. За ваква уништена Шар Планина нема да ни дојдат ниту домашни ниту странски туристи. Со вакво неодговорно управување со отпадот не се поттикнува локалниот економски развој за кој исто така е надлежна општината. Затоа ја повикуваме општина Тетово во најскоро можно време да го отстрани депонираниот материјал и да го исфрли на соодветно место. На крајот бараме разбирање од жителите и ги замолуваме да не ги следат чекорите на Општина Тетово и да ја загадуваат и уништуваат природата бидејќи ова не наликува на Националниот парк или на туристичкиот центар Попова Шапка, истакна Ибрахим Дехари.
Според Дехари, чуварите на заштитеното подрачје и полицијата го документирале случајот.
Општина Тетово на 10 октомври почна реконструкција на улиците низ викенд населбата на Попова Шапка. Градоначалникот Биљал Касами најави дека додека има временски можности ќе се работи на обнова на коловозните ленти. Низ населбата има улици со вкупна должина од 2,5 километри. Тој најави и дека општината почнува да работи на нов пристапен пат до оваа викенд населба. ас/цр
Фото:МИА