• понеделник, 23 декември 2024

Науката работи на лек којшто ќе овозможи бременост и во 50-та година

Науката работи на лек којшто ќе овозможи бременост и во 50-та година
Ерусалим, 10 март 2022 (МИА) - Жените би можеле, во блиска иднина, да забременуваат и на 50-годишна возраст, тврдат научници од Израел кои успешно го забавиле стареењето на човечки јајце-клетки. Вообичаено, додека просечната жена во раните свои 20-ти има 80 отсто можност да забремени по природен пат, тоа се преполовува до 40-тата година. Истражувачите од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим покажаа дека стареењето може да се промени со антивирусен лек којшто се користи за лекување на ХИВ. Имено, тие направиле јајце-клетките на 40-годишничка да изгледаат како оние на 20-годишничка. Тоа, според наводите, делува така што го спречува оштетувањето на ДНК-та што се случува за време на процесот на стареење, со блокирање на генетските оштетувања, какви што има и при вирусни инфекции. По овој успех, тимот сега планира да продолжи со тестирањето на наодот на животни и, потоа - на луѓе. Тоа, исто така, можеби може да ја намали опасноста од несакан абортус и вродени аномалии. - Многу жени се обидуваат да забременат на возраст од 40 и повеќе години и мислиме дека овој третман всушност може да ги зголеми нивните нивоа на плодност. Во рок од 10 години, се надеваме дека ќе користиме антивирусни лекови за зголемување на плодноста кај повозрасните жени, изјави д-р Михаел Клуштејн - молекуларен биолог, кој ги водел испитувањата. Наодот прво бил тестиран на стотина ембриони од глувци, пред да се употребат човечки ембриони, но само како експеримент.  си/

Остани поврзан