• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Науката открива: Од кои болести на забите страдале Норманите?

Науката открива: Од кои болести на забите страдале Норманите?

Гетеборг, 28 февруари 2025 (МИА) - Черепи од ерата на викинзите во Северна Европа, за кои научниците утврдиле дека датираат од 10. до 12. век, посочуваат дека тогашното население во тоа подрачје страдало од невообичаено голем број болести.

Истражувачи од шведскиот Универзитет на Гетеборг и музејот „Вестергетландс“ анализирале човечки остатоци користејќи современа компјутерска томографија (КТ-скенирање). Откријата потоа говорат за расипани заби, оштетување на коските на вилицата, инфекции на синусите и увото, остеоартритис и други проблеми со орални болести, објави „Сајенс алерт“ (Science Alert).

- Имаше доста за прегледување. Најдовме знаци на многу болести кај овие лица. Сè уште не знаеме зошто е тоа така. Уште повеќе, не знаеме какви сѐ болести имало во меките ткива, бидејќи немаме никакви траги од нив во скелетните структури, вели одонтологот Каролина Бертилсон од Универзитетот.

Тимот истражувачи внимателно прочучвал 15 черепи откопани на познатото археолошко наоѓалиште Варнем во областа Вестергетланд. Коските се од возрасни лица кои починале на возраст меѓу 24 и 60 години. Преку КТ-скенови, т.е. прецизни Икс-зраци во три димензии, истражувачите видоа оштетувања и на површината и во внатрешноста на черепот.

Тоа ги посочува можните и претпоставени причини за оштетувањето.

- Ова, всушност, е демонстрација за тоа колку вредни податоци може да се откријат со ова скенирање човечки останки. Тоа ни дава подобра претстава за тоа како живееле овие луѓе тогаш, во време кога имало многу помалку третмани за болка и болести. Скоро сите знаеме како е кога нешто многу боли, а лековите не помагаат, додаде Бертилсон.

Луѓето тогаш, имено, ја немале здравствено-медицинската и стоматолошка нега што ја имаме денес. Кога човек од таа ера ќе добиел инфекција - таа обично го држела болен долго време. Забите, на пр., нудат обемни докази за тоа како се расипувале, но и како тие луѓе во средниот век - со примитивни „заболекарски зафати“, се обидувале да се ослободат од болката и маката. Истражувачите велат дека примената на нивниот пристап со КТ-скенирање и во други случаи може да води кон секакви откритија што не би биле видливи преку нормално набљудување.

Овој начин, се вели, претставува и помала потреба и помал ризик од оштетување археолошки наоди.

- Многу од методите што ги користат археолозите денес се многу инвазивни и бараат отстранување на коски или друго ткиво за анализа. На овој нов начин можеме да ги задржиме посмртните останки целосно непроменети и сепак да извлечеме голема количина податоци, појасни Бертилсон.

Работата на кај Варнем трае со десетлетија. Тоа било значајно религиозно место - со некогаш најголемата црква во Шведска и област каде што се закопани тројца шведски кралеви.  си/рп/

Фото: Икс-објава, фотоисечок

Остани поврзан