Наспроти предвидувањата, Пол Рад е најубав маж во изборот на списанието „Пипл“
- Само пред неколку дена порталот „Пејџ сикс“ и повеќе светски и регионални медиуми пренесоа дека титулата „најсекси маж денес“, според „Пипл“, ќе ја понесе Крис Еванс. Оваа вест одекна во свет
Лос Анџелес, 11 ноември 2021 (МИА) - Само пред неколку дена порталот „Пејџ сикс“ (Page Six) и повеќе светски и регионални медиуми пренесоа дека титулата „најсекси маж“, според „Пипл“ (People), ќе ја понесе Крис Еванс. Оваа вест одекна во светот, но блескавата титула во последен миг, сепак, ја доби друг глумец.
Пол Рад (52), познат, меѓу другото и по улогата во филмот „Човекот-мравка“ (Ant-Мan), е прогласен за најсекси маж на планетата, според изборот на списанието „Пипл“.
Пол има кариера од над 30 години и околу 130 филмски и ТВ-проекти зад себе, меѓу кои и споредната улога во „Пријатели“. Тој се изненадил кога ја слушнал веста, како и неговата сопруга.
- Имам доволно свесност за да знам дека, кога луѓето ќе слушнат дека сум избран за оваа титула, ќе кажат „Што!?“ ...Ова не е лажна скромност. Навистина има многу други луѓе кои требаше да го добијат ова (признание) пред мене!, изјави тој за „Пипл“.
Тој исто така додаде дека неговата сопруга Џули, со која е во брак 18 години, била изненадена.
- По малку шок и смеа, таа рече: „Е па, добро. Сфатија“. И, тоа беше многу слатко, вели тој на шега.
Годинава, Пол Рад е актуелен со филмот „Истерувачи на духови: Животот потоа“, како и сериите „Што ако...?“ и „Психијатарот од соседството“, а се снима и суперхеројскиот „Квантиманија“ закажан за 2023 година. си/сд/