• понеделник, 23 декември 2024

Над 150 свештеници од надбискупијата во Балтимор сексуално злоупотребиле повеќе од 600 деца

Над 150 свештеници од надбискупијата во Балтимор сексуално злоупотребиле повеќе од 600 деца

Вашингтон, 6 април 2023 (МИА) – Повеќе од 150 католички свештеници поврзани со надбискупијата во Балтимор сексуално злоупотребувале над 600 деца и главно не биле повикани на одговорност за злосторството, се наведува во вчера објавениот државниот извештај, со што се открива обемот на злоупотребата во период од 80 години.

Извештајот содржи сериозни обвинувања против надбискупијата, најстарата римокатоличка епархија во САД, која има ингеренции во поголемиот дел од сојузната држава Мериленд. Во некои парохии, училишта и заедници имало неколку активни насилници во исто време. На пример, 11 насилници живееле и работеле во парохијата Свети Марко во Катонсвил помеѓу 1964 и 2004 година. Еден ѓакон признал дека злоупотребувал повеќе од 100 деца.

Балтиморскиот архиепископ Вилијам Лори им се извини на жртвите и рече дека извештајот „опишува историја на надбискупијата, што треба да се осуди; време кое нема да се занемари, игнорира или заборави“.

Мрежата на жртви на злоупотребата од страна на свештениците, позната како СНАП, истакна дека во извештајот се наведени повеќе имиња на злоупотребувачи отколку што биле јавно објавени од страна на претставници на надбискупијата. Организацијата го повика архиепископот да ја објасни недоследноста.

Во извештајот, исто така, се наведува дека претставниците на Католичката црква повеќе биле фокусирани на прикривање на злоупотребата наместо на заштита на жртвите. Во некои ситуации, жртвите пријавиле злоупотреба на свештеници кои и самите биле насилници.

Во извештајот, од речиси 500 страници, наведени се бројни примери на црковни власти кои ги штитат обвинетите свештеници, на пример, дозволувајќи им да се пензионираат предвремено или да се префрлат во други парохии.

Во 1964 година, отец Лоренс Брет призна дека сексуално злоупотребувал тинејџер на католички универзитет во Конектикат. Тој беше испратен во Ново Мексико под маската на лекување од хепатитис, а потоа во Сакраменто каде друг тинејџер пријавил дека бил малтретиран од Брет. Подоцна бил префрлен во Балтимор каде служел како капелан во католичко средно училиште за момчиња и малтретирал повеќе од 20 деца. Откако беше обвинет за малтретирање од неколку студенти во 1973 година, на Брет му беше дозволено да ја напушти функцијата под изговор дека се грижи за својата болна тетка. Училишните службеници не ја пријавиле злоупотребата кај властите. Тој никогаш не се соочи со кривична пријава и почина во 2010 година. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан