• понеделник, 23 декември 2024

Над 1.300 камери ќе бидат поставени на улиците во Атина за да „ловат“ сообраќајни прекршоци

Над 1.300 камери ќе бидат поставени на улиците во Атина за да „ловат“ сообраќајни прекршоци

Атина, 28 ноември 2024 (МИА) – Преку безбедносни камери поставени на улиците во областа Атика, поширокиот регион на Атина, ќе се следат и ќе се „ловат“ сообраќајните прекршоци во грчката метропола, а планирано е воведување и на дигитален систем преку кој на возачите кои направиле прекршок ќе им стигнува смс порака на мобилниот телефон, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежните министри за транспорт, за заштита на граѓаните и за дигитално управување на прес-конференција го презентираа владиниот план за поставување камери за зголемена безбедност во сообраќајот и соопштија од следното лето ќе бидат ставени во функција 1.388 безбедносни камери и дигитално ќе ги проверуваат прекршоците во областа Атика, а во иднина ќе бидат поставени и во Солун.

Новите камери дигитално ќе потврдуваат прекршоци за: надминување на дозволената брзина, поминување на црвено, употреба на мобилен телефон, недозволено користење на десната лента, возење возило без осигурување или без важечка картичка за поминат технички преглед.

Дополнително ќе биде воведен и дигитален систем преку кој на возачите кои направиле некој прекршок ќе им стигнува смс порака.

Министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу објасни дека по следното лето системот целосно ќе функционира и „целта е кога ќе се изврши прекршок, тој директно да оди кај возачот“.

- Нашата цел е со имплементирањето на системот кога ќе се направи прекршок, на пример, поминување на црвено, возачот да добие смс порака на мобилен број заведен во контакт регистарот, а во пораката ќе пишува дека се врши проверка за таков или таков прекршок. Ќе пишува дека се врши контрола затоа што прекршувањата треба да ги потврдат полициските органи, посочи Папастрегиу.

Дополнително, како пример ја спомена Република Кипар каде, како што рече, функционираат 110 камери, 90 фиксни и 20 мобилни и дневно се изрекуваат 1.500-2.000 казни. ср/ссм/

Остани поврзан