• петок, 30 август 2024

Над пет илјади тони непродадена оризова арпа од минатата година имаат земјоделците во Кочанско

Над пет илјади тони непродадена оризова арпа од минатата година имаат земјоделците во Кочанско

Кочани, 29 август 2024 (МИА) – На две недели пред почетокот на жетвата на оризот, земјоделците од кочанскиот регион се соочени со проблеми околу неговото складирање поради непродадените залихи од минатогодишната реколта. 

Ниските откупни цени, со кои не можат да ги покријат трошоците за производство, се главна причина што околу пет илјади тони оризова арпа сè уште стојат во амбарите, иако очекувале дека во летниот период ќе имаат некаков пораст.

- Со прибирањето на новата реколта ќе имаме проблем, затоа што откупувачите тактизираат со цените. Во моментот даваат од 30 до 32 денари за килограм, а ако при лупењето се добие над 40 отсто бел ориз цената е 35 денари за сортата опале, додека за сортите Сан андреа и Канео е од 37 до 40 денари. Се договаравме и со министерот, кој рече дека треба да го откупат произведеното од лани, тие првично се согласија, но сега викаат дека не се во можност поради состојбите на пазарот.

Извозот во Србија не одел затоа што таму имало увоз од Грција. Исто така, преработувачите сега ги ремонтирале машините за лупење на оризот од новата реколта и постојано си имаат оправдувања. Значи, ниту еден килограм од тоа што беше договорено со министерот, не е откупен, истакна Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево. 

Земјоделците реагираат што откупните цени и понатаму се определени од пред неколку години, според тогашните параметри за трошоци во производството.

- Сè уште се водиме според производни цени што пред три години ги дадоа од Земјоделскиот институт во Скопје, а оттогаш имаме проблем поради зголемената употреба на ѓубрива и хербициди, поради што и трошоците ни пораснаа. Значи треба да се искалкулира нова цена. Очекуваме средба со министерот за да се најде решение, со оглед што соработката меѓу земјоделците и откупувачите во изминатите дваесетина години се одвива тешко. Тоа влијае многумина да го намалат или целосно да се откажат од производството, па и да се иселуваат од државата. Потребно е да се направи либерализација на пазарот на оризот за да се обезбеди негово производство и во иднина на овие простори, истакна Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево.

Од претстојната жетва на оризот се очекуваат околу 20 илјади тони арпа, за кои ако не се најде решение со откупот и пласманот, ќе има проблем со складирањето. та/ев/

ФОТО: МИА

Остани поврзан