• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
8 ноември 2022 (МИА)   - Меѓународен ден за урбани средини. 1519.- Шпанскиот конквистадор Фернарндо Кортес влегол во Сиудад Мексико. 1520.- Данскиот крал Кристијан II наредил погубување на повеќе од 80 шведски свештеници. Овој чин е познат како „стокхолмско крвопролевање“. На настанот му претходело востанието на Швеѓаните за ослободување од Данска. 1576.- Според договорот склучен во Гана, сите 17 холандски провинции се обединиле во борбата против Шпанија за ослободување на земјата. Бидејќи Холанѓаните повеќето се протестанти отпорот на шпанските власти имал и верски причини. 1608.- Роден е Џон Милтон, англиски поет, еден од најзначајните во светската литература и голем мислител. Од делата познати му се „Химна во утрото на Христовото раѓање“, „Изгубениот рај“ и „Вратениот рај“. Умрел во 1674 година. 1656.- Роден е англискиот астроном и геофизичар Едмунд Халеј. Бил директор на Гриничката опсерваторија и кралски астроном. Го изработил првиот каталог на ѕвездите на јужното небо и утврдил дека кометите се воочени во 1682, 1601 и во 1551 година, односно дека една иста комета се јавува периодично. Предвидел дека истата ќе се појави кон крајот на 1758 година, што и се случило со мало задоцнување. Во негова чест истото всленско тело било наречено Халеева комета. Прв открил дека ѕвездите се движат, исто како и Сонцето и ја направил првата метеоролошка карта. Дела: „Каталог на јужните ѕвезди“, „Астрономски преглед на кометите“, „Теорија на магнетниот компас“. 1793.- На гилотина била погубена Жан Мари „Манон Флипон“ Ролан, позната како Мадам Ролан, која за време на Француската револуција во својот салон во Париз ги собирала пистелите и уметниците и политичарите. Нејзиниот сопруг Жан Мари Ролан де ла Платијер во 1792 година беше министер за внатрешни работи на Франција. Била погубена во текот на јакобинската тиранија, по што нејзиниот сопруг се самоубил. 1793.- Парискиот музеј Лувр првпат бил отворен за публиката. Пред тоа Лувр бил кралски дворец. 1875. – Роден е Милан Матов, македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание, еден од главните организатори на Тиквешкото востание и Охридското востание. По завршувањето на Првата светска војна, Милан Матов станал активен член на Илинденската организација и на Македонскиот научен институт во Софија, а издал и свои спомени насловени „Спомените на Милан Матов“. Во тој период се залагал за ставање крај на братоубиствените борби во ВМРО и играл улога на помирител помеѓу противничките фракции. Милан Матов умрел на 21 мај 1962 година во Софија. 1878.- Во селото Папрадиште, Велешко, роден е Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследните организатори и афирматори на македонската национална мисла, политичар, дипломат, научник, историчар и филолог. Бил прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво основано во Петроград, во 1902 година. Умрел во Санкт Петербург, на 29 октомври 1940 година. 1890.- Умрел Сесар Франк, француски композитор, од белгиска националност, оргулис и музички педагог, генијално надарен за импровизација. Како композитор, се смета за еден од најпознатите твроци во француската музика во 19 век. Роден бил на 10 декември 1822 година. 1895.- Германскиот физичар Вилхелм Конрад Рентген ги открил рентгенските зраци, кои сам ги нарекол икс-зраци. 1909.- Родена е Кетрин Хепберн, американска филмска и театарска актерка. Најчесто толкувала ликови на жени со растреперен сензибилитет. Играла во филмовите „Празник во Рим“, „Сабрина“, „Војна и мир“, „Појадок кај Тифани“ и во многу други. Умрела во 2003 година. 1906.- Во Штип е роден Михаило Апостолски, македонски академик, народен херој и генерал-полковник. Работел на организирањето на одбраната на земјата во времето на НОВ и станал командант на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, со кој успешно раководел се до ослободувањето на земјата. Тој бил еден од двигателите и основоположниците на современата македонска историографија. Умрел во Дојран, на 7 август 1987 година. 1922.- Роден е јужноафриканскиот хирург Кристијан Барнард, кој во 1967 година го извршил првото пресадување на човечко срце. 1923.- Во Минхен бил спречен обидот за пуч на Адолф Хитлер, а водачот на нацистите бил уапсен четири дена подоцна. 1932.- За претседател на САД е избран кандидатот на Демократската партија Френклин Рузвелт. Тој бил биран уште трипати за шеф на државата, што е единствен случај во американската историја и спротивно на уставот на САД. На власт останал до смртта, во 1945 година. 1942.- Сојузничките сили со прва поголема сојузничка комбинирана операција навлегле во северна Африка, во Втората светска војна. Во поморскиот десант „Факел“ под команда на генералот Двајт Ајзенхауер, сојузниците навлегле кај алжирските градови Оран и Алжир и кај Казабланка во Мароко. Борбите против германско-италијанските групи окончале на 13 мај 1943 година, со пораз на силите на Оската и француските трупи на маршалот Петен, со што завршила војната во Африка. 1944.- Ослободени биле градовите Штип, Неготино и Струга. 1959.- Обединетата Арапска Република (Египет, Сирија и Либија) и Судан потпишале договор за поделба на водата на Нил по изградбата на Асуанската брана. 1960.- Кандидатот на Демократската партија Џон Кенеди на 43-годишна возраст бил избран за претседател на САД, најмлад шеф на државата во американската историја. 1972.- Западна и Источна Германија по 23 години ја завршиле студената ангатонистичка војна иницирана со договорот за добрососедство и взаемно почитување на постоењето на двете суверени германски држави. 1988.- Републиканецот Џорџ Буш бил избран за претседател на САД по победата над демократот Мајкл Дукакис. Тоа била трета една по друга победа на републиканците. Буш, кој инаку бил потпретседател, ја презел власта по двата мандата на Роналд Реган. 1989.- Афроамериканецот Даглас Вајлдер бил избран за гувернер на Вирџинија, како прв црнец во историјата на САД кој станал гувернер на некоја сојузна држава. Истиот ден црнецот Дејвид Динкинс бил избран за градоначалник на Њујорк. 1990.- Собранието на Социјалистичка Република Македонија, под претседателство на Вулнет Старова, ја одржало последната официјална седница на стариот делегатски состав, пред претстојните повеќепартиски избори (11 ноември 1990 година). Оттогаш, до конституирањето на првото повеќепартиско Собрание на СР Македонија (на 8 јануари 1991 година), заседавало уште неколкупати. 1991.- Европската заедница (сега Европска унија) вовела санкции против СФР Југославија, со кој бил прекинат договорот за трговија и соработка. 1995.- Француската десничарска влада неочекувано поднела оставка, но претседателот Жак Ширак побарал од премиерот Ален Жипе, да остане на функцијата и да го формира новиот кабинет. 1997.- Во Кина почнала изградбата на хидроелектраната „Три клисури“, најголема електрична централа на планетата. 1997.- Умрел Миле Брзанов, македонски музички деец. 1997.- Умре Благој Кондарко, македонски просветен деец. Роден бил во 1918 година. 1998.- Судот во Бангладеш на смрт осудил 15 бивши офицери, обвинети за убиството на бангладешкиот претседател шеикот Муџибур Рахман во воениот удар во август 1975 година. 2004.- Кубанските власти го „тргнале“ американскиот долар од кубанскиот пазар, а американската валута, по курс еден спрема еден, ја замениле со „конвертибилен пезос“, порано со фиктивна сметководствена единица, а сега и формално печатење на монети во исти апоени, дури и со иста зелена боја како и доларот. „Кубанскиот долар“, наместо американскиот претседател, ги носел ликовите на Кастровите револуционери, почнувајќи од легандерниот Ернесто Че Гевара. 2005.- Францускиот претседател Жак Ширак прогласил вонредна состојба, со цел да се спроведе полициски час во градовите во кои избиле нереди. Повод за нередите била смртта на две момчиња од африканско потекло, кои 10 дена порано настрадале од електричен удар во трафостаница, каде се сокриле верувајќи дека за нив има распишано полициска потера. 2006.- Најмалку 42 пакистански војници биле убиени и околу 40 ранети во самоубиствениот напад врз воената база во местото Даргаи, во северозападниот дел на Пакистан, каде се наоѓал главниот американски центар за обука на трупите за борба против тероризмот во тој регион. Самоубиецот втрчал во базата и го активирал експлозивот во моментот додека војниците се собирале за утрински тренинг. 2006.- Најмалку 60 луѓе биле убиени, а 150 повредени на истокот од Шри Ланка, во побунетото место Китиравели, кога војската со артилерија го нападнала кампот за интерно раселени лица. Војската на Шри Ланка соопштила дека нападот врз позициите на бунтовниците бил извршен откако тие први отвориле оган. Во судирите во кои учествувале Тамилските тигри во 2006 година настрадале околу 2.000 луѓе, војници и бунтовници. Тамилските тигри се бореле за своја независна држава уште од 1983 година. 2020.- Умре македонската поетеса Марија Станкова. Родена е на 11 март 1942 година во Вељуса, Струмичко. Член на ДПМ од 2003 година. Ги има објавено стихозбирките: „Патувањето продолжува“ (1980), „Метафизика на малите нешта“ (1992), „Песни за смртта, песни за животот“ (1995), „Чемерно небо“ (1995), „Тие и ние“ (1997). Нејзините стихови спаѓаат меѓу најсуптилните лирски проблесоци на македонската лирика напишана од жени-писателки.   ###

Остани поврзан