• четврток, 21 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
8 декември 2020 (МИА) 65 п.н.е.- Роден е Хорациј, најголем римски лирски поет, кој повеќе од сите други грчки или римски поети се одликува со различности во својот поетски израз. Во текот на престојот во Атина подробно ги запознал грчката култура, филозофија и уметност. Дела: „Сатири“, „Песни“ или „Оди“, „Писма“. 883.- Свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и црковно беседништво, прв оригинален словенски и македонски поет, говорник, преведувач, заштитник на Охрид бил назначен за прв словенски епископ на Балканот. Овој ден е прогласен за Ден на свети Климент Охридски, патронен празник на Македонската православна црква. Во негова чест, во Република Македонија се доделува секоја година наградата „Св. Климент Охридски“ со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот и заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност. 1542.- Родена е шкотската кралица Мери Сјуарт, која со непопуларната римокатоличка политика ги поттикнала народот и протестантите на Шкотска на буна, па во 1568 година морала да побегне во Англија. Во 1587 година англиската кралица Елизабета Прва наредила да ја предадат на суд по што била погубена. 1626.- Родена е шведската кралица Кристина Аугуст, која во 1644 година и ставила крај на војната со Данска, а во 1648 година на Триесетгодишната војна, правејќи ја Шведска голема сила, а Балтикот „шведско море“. Кралица станала во 1632 година во осмата година од животот, а била крунисана 12 години подоцна. Како една од најобразованите жени во Европа, била вљубена во науката и книжевноста, така што на нејзиниот двор доаѓале учени луѓе, вклучувајќи го и францускиот филозоф Рене Декарт. 1741.- Умрел Витус Беринг, дански морепловец и истражувач во служба на руската влада. По налог на рускиот цар Петар Велики тргнал да го испитува источниот дел на Азија. Во 1728 година го открил протокот меѓу Северна Америка и Азија, наречен според него Берингов Проток. Роден бил во 1680 година. 1832.- Роден е норвешкиот писател Бјерншјерн Мартиниус Бјернсон, добитник на Нобеловата награда за литература во 1903 година, водечка личност во норвешкиот културен живот во 19. век. Дела: „Среќно момче“, „Татко“, „Крал“, „Нов систем“, „Над моќта“, „Ракавица“ и други. 1861.- Роден е францускиот филмски режисер Жорж Мелијес, пионер на светскиот филм. Во филмската уметност ги вовел поделбата на чиновите, сценографијата, костимографијата, начинот на глума и маскирањето. Го пронашол системот на користење филмски трикови што му овозможило во студио (атеље) да снима филмови од научната фантастика. Снимил околу 500 филмови, меѓу кои најпознати се: „Сонот на астрономите“, „Пат во немоќта“, „Гуливеровите патувања“, „Освојување на Северниот пол“. 1863.- Британскиот боксер Том Кинг станал прв светски шампион во тешка категорија, со победата над Американецот Џон Хинан. 1865.- Роден е Јан Сибелиус, фински композитор, најголем композитор на својата земја. Покрај симфониските песни, со кои се вброил меѓу најголемите композитори на 20. век, напишал и значајни дела за хор и голем број соло песни на текстови на фински уметници. Умрел на 20 септември 1957 година. 1903.- Умрел англискиот филозоф и социолог Херберт Спенсер. Дела: „Систем на синтетичката филозофија“, „Вовед во социолошките студии“, „Фактори на органската еволуција“, „Класификација на науката“, „Автобиографија“. 1925.- По неуспешниот пуч на нацистите во Минхен во 1923 година, нивниот водач Адолф Хитлер ја објавил книгата "Мојата борба", во која ја разработува националистичката фашистичко-расистичка идеологија на агресивниот германски национализам. 1925.- Роден е американскиот пејач, танчер и актер од африканско потекло Семи Дејвис, еден од најголемите забавувачи во 20. век. 1961.- Во Клуж, Романија, е роден Ермис Лафазановски, македонски современ писател, доктор по филолошки науки, член на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на македонскиот ПЕН-центар. Дела: „Половина божилак“, „Кога во Скопје ги биле измислиле чадорите“, „Опишувач“, „Храпешко“, „Историја на луѓето кои умрела од страв“.  Носител е на наградата за проза на ДПМ „Стале Попов“. 1966.- Договорот за забрана на нуклеарното оружје во космосот го потпишале 28 земји, вклучувајќи ги Советскиот Сојуз и САД. 1974.- Грците на референдум се изјасниле Грција да стане република, со што била укината монархијата воспоставена во 1832 година. 1978.- Умрела израелската државничка Голда Мабович Мејрсон, позната како Голда Меир, прва жена претседател на влада на Израел од 1969 до 1974 година. Од родниот Киев во 1906 година отишла во САД, а во Палестина преминала во 1921 година. Била раководител во Сојузот на синдикатите и Светската еврејска агенција, а од 1948 година станала првиот амбасадор на Израел во Советскиот Сојуз. Оставила необично интересни мемоари. 1980.- Во Њујорк бил убиен Џон Ленон, еден од основачите и „идолот“ на британската музичка група „Битлси. Роден бил на 9 октомври 1940 година. 1991.- Русија, Белорусија и Украина формирале Заедница на независни држави. 1993.- Во Скопје, од 9 до 11 декември, во Универзалната сала, се одржал Првиот интернационален фестивал на ромската музика „Шутка фест“. 1995.- Во Лондон почнала дводневната конференција на која наместо да се основа женевска Мировна конференција за поранешна Југославија, основан бил Совет за остварување мир во 40 земји, вклучувајќи ја и СРЈ. За висок претставник  на меѓународната заедница во поранешна Југославија бил избран шведскиот дипломат Карл Билт. 2000.- Поротата во Тенеси заклучила дека убиството на американскиот борец за човекови права од африканско потекло Мартин Лутер Кинг, кое било извршено 32 години порано, не е акт на атентатор поединец, како што гласи во официјалната верзија, туку резултат на заговор. 2000.- Во Охрид бил поставен камен-темелникот за обнова на црквата „Свети Пантелејмон“, која свети Климент ја изградил во 893 година. Денес оваа импозантна и со својата архитектура атрактивна базилика претставува едно од најпосетените места во Охрид. 2001.- Од подметнат пожар изгорела црквата во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“ во Мала Речица, Тетовско. ###  

Остани поврзан