• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
27 март 2021 (МИА)   - Меѓународен ден на театрите - Ден на здравственото воспитание на Македонија 1625.- Умрел британскиот крал од шкотско потекло Џејмс Први Стјуард. Тој бил прв монарх кој од 1603 година до смртта владеел и со Шкотска и со Англија. Исто така бил и првиот Стјуард кој бил на англискиот престол. 1703.- Рускиот цар Петар Велики, на утоката на реката Нева, во Балтикот, основал град, кој според него е наречен Санкт Петербург (до 1914 година), Петроград (до 1924 година), Ленинград (до 1991 година), а потоа одново Санкт Петербург. Од 1712 до 1918 година градот бил престолнина на Русија. 1713.- Шпанија со Утрехтскиот мир и официјално и го предала Гибралтар на Англија. Од 30 мај 1969 година Гибралтар добил статус на британски доминион со внатрешна самоуправа. 1770.- Умрел италијанскиот сликар Џовани Батиста Тјеполо, последниот голем венецијански мајстор, еден од најголемите декоративни уметници во 18. век. Неговите главни дела - фрески со големи димензии, се изработени во стилот на рококо, а се наоѓаат во надбискупската палата во Удине, во Венеција, во бискупската резиденција во Вирцбург и во кралската палата во Мадрид. 1797.- Роден е францускиот писател Алфред Виктор де Вињи. Дела: поемите „Мојсеј“, „Елоа“, „Самсоновиот гнев“, драмата „Чатертон“, романот „Цинг-Марс“ (преведен кај нас како „Заговор“), новелите „Ропството и големината на војничкиот позив“, „Дневникот на еден писател“. 1854.- Франција и објавила војна на Русија со што застанала на страната на Османлиското царство во Кримската војна, која избила кон крајот на 1853 година. Следниот ден тоа го сторила и Велика Британија која настојувала да ја спречи руската аспирација кон Балканот и Црното Море. Војната против Русија здружените сојузници ја воделе две години на полуостровот Крим, каде по крвавите борби и големите загуби успеале да го заземат клучното пристаниште во градот Севастопољ. 1867.- Роден е Фредерик Хенри Ројс, англиски инженер, кој заедно со Чарлс Ролс во 1906 година ја основале компанијата за производство на автомобили „Ројс-Ролс“. Компанијата „Ројс-Ролс“ произведувала и авионски мотори. 1898.- Родена е Џозефина Меј Свансон, позната како Глорија Свансон, една од најголемите филмски легенди на Холивуд. Играла во 62 филма. Најголема слава постигнала со улогата на Норма Дезмонд, пропаднатата артистка во филмот „Булеварот на самракот“ на Вили Вајдлер, снимен во 1950 година. 1923.- Умрел шкотскиот хемичар и физичар Џејмс Ѓуер, кој прв го пронашол течниот, а потоа и цврстиот проводник. Исто така, ја измислил и термос-боцата. 1927.- Роден е рускиот виолончелист и диригент М`стислав Леополдович Ростропович, еден од најголемите мајстори на виолончело. Бил професор на Конзерваториумите во Москва и во Ленинград, а во 1975 година емигрирал во САД. 1933.- Јапонија објавила дека излегува од Друштвото на народите бидејќи оваа организација ја осудила јапонската окупација на Манџурија. 1941.- Во многу градови во Кралството Југославија избувнале масовни демонстрации против потпишувањето на договорот за приклучување кон Тројниот пакт. Масовно биле извикувани паролите: „Долу Тројниот пакт“, „Долу фашизмот“, „Подобро гроб одошто роб“ и сл. 1941.- Владите на САД и на Велика Британија постигнале спогодба за отстапување на британските стратегиски бази на вооружените сили на САД. 1945.- Германците во Втората светска војна ја лансирале последната ракета „Фау-2“ врз Велика Британија. Проектилот исфрлен од холандскиот град Хаг паднал на Орпингтон, југоисточно од Лондон. Од експлозиите на ракетите од овој тип во војната загинале 8.958 Британци. 1945.- Аргентина им објавила војна на Германија и на Јапонија. 1968.- Починал Јуриј Алексеевич Гагарин, советски космонаут кој на 12 април 1961 за прв пат во историјата на човештвото се вивнал во вселената и бил прв човек кој ја прелетал Земјата околу нејзината орбита. По летот, кој траел 108 минути, тој се спуштил јужно од Саратов. Гагарин загинал во авионска несреќа. 1977.- Во Санта Круз, на Канарските Острови, во Атлантскиот Океан, се случила една од најтешките авионски несреќи во историјата на цивилното воздухопловство. Во судирот на авионите „џамбо џет“ на Американската авиокомпанија и на Холандското кралско воздухопловство загинаа околу 580 патници. 1992.- Република Македонија ја презела контролата над целата своја територија со своја војска. За ова бил потпишан Договор во Скопје од страна на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Со тој чин, всушност, од Република Македонија си заминал и последниот војник на ЈНА. 1993.- Дјанг Цемин станал претседател на Кина, генерален секретар на владејачката Комунистичка партија и врховен командант на армијата. Вакво обединување на клучните функции не се памети од времето на Мао Цедунг, но вистинската моќ ја задржал Јанговиот покровител Денг Сјаопинг. 1995.- Претседателот на Јужна Африка Нелсон Мандела ја исклучил од владата сопругата Вини, со која живеел одвоено заради меѓусебни несогласувања. Бракот судски бил разведен во март 1996 година. 1996.- Јигал Амир бил осуден на доживотен затвор поради убиство на израелскиот премиер Јицак Рабин во ноември 1995 година. 1997.- Во најголемиот инцидент во текот на двомесечните антивладини протести во Албанија загинале 17 луѓе. 1998.- Умрел германскиот произведувач на автомобили Фердинанд Порше, основач на фабриката за спортски возила „Порше АГ“. Во времето на Адолф Хитлер бил еден од конструкторите на „бубата“ („фолксваген“), автомобил произведен за масовна употреба. 2000.- Владимир Путин победил на претседателските избори во Русија. 2006.- Со последното заседание на Комисијата на Обединетите нации за човекови права одржано во Женева завршила со работа 60-годишната историја на ова тело на Светската организација, кое честопати било предмет на оспорување и попречување. 2006.- Умрел Станислав Лем, полски писател, сатиричар, филозоф и футуролог. Еден од најпознатите писатели и теоретичари на научна фантастика и најпреведуваниот полски писател. Делата му се преведени на 41 јазик и продадени во над 27 милиони примероци и со тоа е најпреведуваниот автор на научна фантастика од неанглиското говорно подрачје. Во нив средишно место имаат филозофските теми, односно рефлексиите за технологијата, за природата на интелигенцијата, за неможноста од меѓусебна комуникација и разбирање, како и длабокиот песимизам поради ограничувањата што произлегуваат од природата на човекот и од неговото место во вселената. 2007.- Умрел Михаил Уљанов, истакнат руски актер. Запаметен е по улогите во филмовите „Идиот“, „Браќа Карамазови“ и др. Иако снимал до самиот крај на животот, сепак останал верен на Вахтанговскиот театар каде од 1987 година бил уметнички директор.   ###

Остани поврзан