• понеделник, 23 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
2 април 2021 (МИА) - Денеска е Меѓународен ден на книгата за деца 742.- Роден е францускиот цар Карло Велики, кој од доаѓањето на престолот во 768 година па се до смртта во 814 година, ја прекрои картата на Европа и ја проширил француската држава од Северно Море до Италија и од Атлантикот до Чешка. Папата Лав Трети во 800 година го крунисал за римски цар. Тоа бил чин со трајни последици за историјата на Европа. 1724.- Роден е италијанскиот авантурист Џовани Џакопо Казанова де Саингалт, синоним на латински љубовник, една од најколоритните личности во Европа на 18 век. Во текот на бурниот живот бил ученик во верско училиште, секретар на кардинал, венециски поморски офицер, коцкар, алхемичар, виолинист, шпион, библиотекар. Неговите „Мемоари“ се слика за европското општество во епохата во која живеел. 1792.- Озаконет бил доларот како парична единица во САД. 1805.- Во Одензе е роден Ханс Кристијан Андерсен, дански писател. Пишувал поезија, романи и драми. Напишал 156 приказни. Се смета за творец на реалистичката проза во Данска. Најпознати негови дела се „Импровизатор“, „Грдото Пајче“, „Приказна на мојот живот“, „Само музичар“, „Сказни“, „Сликовница без слики“, „Во Шпанија“. Умрел во Копенхаген, на 4 август 1875 година. 1838.- Роден е францускиот државник и адвокат Леон Мишел Гамбета, еден од основачите на Третата република, кој значително придонесол за воспоставување на парламентарната демократија по симнувањето на царот Наполеон Трети. Од 1879 година до 1881 година, Гамбета бил претседател на францускиот парламент, а потоа до 1882 година - премиер. 1840.- Во Париз е роден Емил Зола, француски писател, творец и најизразит претставник на натуралистичкиот правец во книжевноста. Најпознати негови дела се „Нана“, „Жерминал“, „Земја“, „Ѕвер човек“, „Пари“, „Плодност“,  и „Крах“. Умрел во Париз, на 29 септември 1902 година. 1872.- Во Њујорк умрел Самјуел Морзе, северноамерикански сликар и пронаоѓач. Во 1835 година го пронашол електричниот телеграф, апарат за испраќање знаци составени од точки и цртички (Морзеова азбука), кој бил пуштен во работа во 1844 година на линијата Вашингтон - Балтимор. Роден бил во 1791 година. 1905.- Официјално бил отворен железничкиот тунел Симплон под Алпите кој ги поврзува Швајцарија и Италија. 1974.- Умрел францускиот државник Жорж Помпиду, претседател на Франција од 1969 година до смртта. Шеф на државата станал по оставката на Шарл де Гол и главно ги следел идеите на славниот претходник. Претходно бил професор во Марсеј и во Париз. Со Де Гол соработувал од 1945 година, во меѓувреме бил директор на Ротшилдовата банка, шеф на Кабинетот на Де Гол, член на Уставниот совет и од 1962 година до 1968 година бил премиер. 1982.- Воената хунта на Аргентина со 10.000 војници го нападнала британскиот имот на Фокландските острови во Атлантскиот Океан, околу 500 километри југоисточно од аргентинскиот брег, на кој во тој момент имало 75 британски војници. Аргентинските сили по борбите кон крајот на мај и во првата половина на јуни во 1982 година биле поразени од околу 5.000 војници кои биле испратени од Велика Британија. 2005.- Починал поглаварот на Римокатоличката црква папата Јован Павле Втори. За време на 27-годишното папствување, тој посетил 133 земји во 99 патувања, а за светци прогласил 478 свештени лица, додека 1.200 ги беатифицирал. Папата Јован Павле Втори на 19 октомври 2003 година на посебна свеченост ја беатифицирал, односно ја прогласил за блажена Мајка Тереза. Првпат во историјата на папството, тој објавил книга насловена „Римски триптих“, а напишал и 14 „папски текстови“. Овој папа чие световно име било Карол Војтила бил роден на 18 мај 1920 година во Вадовице, во близина на Краков. 2006.- Умрела вдовицата на атентаторот на Хитлер, Нина Шенк фон Штауфенберг, чиј сопруг се обидел да го убие Адолф Хитлер во атенат во 1944 година, по што бил стрелан. Нејзиниот сопруг, грофот Клаус Шенк фон Штауфенберг, подметнал чанта со бомба под маса, но столот го заштитил Хитлер. На 20 јули 1944 година заговорниците биле стрелани, а роднините, вклучувајќи ја и грофицата Штауфенберг биле одведени во концентрационен логор. Учесниците на неуспешниот заговор се слават како херои во денешна Германија. 2007.- Во силен земјотрес со сила од 8 степени според Рихтеровата скала, кој ја погодил областа на Западните Соломонски острови (архипелаг со 256 острови) во Тихиот Океан, животот го загубиле најмалку 12 лица, меѓу кои шест деца. Земјотресот предизвикал бранови високи 10 метри кои го преплавиле 40 километри оддалечениот регионален центар Гизо, уништувајќи се пред себе. 2016.- Починал академик Глигор Чемерски, сликар, графичар, мозаичар – член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите. Својата прва самостојна изложба ја отворил во Скопје, во 1962 година. Оттогаш до неговата смрт реализирал околу педесет самостојни изложби во земјата и во странство – последните во Москва (2014) и во Софија (2015). Учествувал на повеќе од осумдесет групни изложби во земјата и во странство. Сликите на Глигор Чемерски се застапени во многубројни уметнички државни институции во земјава и во странство, како и во многубројни приватни колекции во Скопје, Париз, Амстердам, Хаг, Стокхолм, Рим, Њујорк, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил и др. Автор е и на повеќе монументални споменици. За своето творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија, меѓу кои и на високите награди „13 Ноември“ и „11 Октомври“. Академик Глигор Чемерски е роден во Кавадарци на 9 март 1940 година. 2016.- Умрел првиот цртач на Загор, „Духот со секира“, Галијано Фери. Овој легендарен стрип јунак со децении бил популарен во татковината, но и во светот. Фери бил роден во 1929 година, а во 1949 го објавил својот прв стрип кај еден мал издавач во Џенова. ###

Остани поврзан